Растот на акциите на Tesla и SpaceX го врати Илон Маск над границата од еден трилион долари, со што технолошкиот магнат повторно се стекна со статусот на прв трилионер во светот.
Според проценката на „Форбс“, нето-вредноста на Маск во понеделникот достигнала 1,046 трилиони долари. Само во последниот трговски ден неговото богатство се зголемило за 65,3 милијарди долари, односно за 6,66 отсто.
Главен поттик за растот биле акциите на неговите компании. Акциите на Tesla во понеделникот продолжиле да растат за повеќе од еден отсто, додека акциите на SpaceX пораснале за повеќе од пет отсто, достигнувајќи 167 долари по акција.
Маск првпат ја достигна границата од еден трилион долари во јуни, откако акциите на SpaceX започнаа да се тргуваат на Nasdaq. Сепак, само неколку дена подоцна го загуби тој статус по падот на акциите на SpaceX и Tesla.
Во последните денови неговото богатство повторно брзо се зголемувало. Испораките на Tesla во третото тримесечје ги надминале очекувањата на аналитичарите, што придонело само во петокот богатството на Маск да порасне за 61 милијарда долари.
Растот на вредноста на SpaceX следува и по оценката на аналитичарите од „Морган Стенли“ дека акциите на компанијата се потценети. Дополнително внимание привлече и развојот на програмата Starship, како и планот на Маск неговата подружница SpaceXAI, која управува со четботот Grok, да биде преименувана во „SpaceXSI“.
Идејата за новото име е поврзана со ставот на Маск дека терминот „суперинтелигенција“ треба да го замени терминот „вештачка интелигенција“. Маск минатата недела се појави и во Белата куќа со други лидери од индустријата за вештачка интелигенција, кога претседателот Доналд Трамп го претстави новиот договор за вештачка интелигенција.
На листата на најбогатите луѓе во светот, Маск убедливо го зазема првото место. Втор е основачот на Amazon, Џеф Безос, со богатство од 371,1 милијарди долари.
На третото место е коосновачот на Google, Лери Пејџ, со 284,3 милијарди долари, следен од основачот на Dell Technologies, Мајкл Дел, со 272,2 милијарди долари. Петти е Сергеј Брин со 261,7 милијарди, а шести Марк Закерберг со 254,3 милијарди долари.
Во првите десет се и Џенсен Хуанг со 206,7 милијарди, Лери Елисон со 184,9 милијарди, Стив Балмер со 162,5 милијарди и Ворен Бафет со 143,3 милијарди долари.