Американската компанија за развој на вештачка интелигенција „Антропик“ привлекла огромен интерес од инвеститорите пред планираното излегување на берза, при што побарувачката за акциите достигнала речиси седумпати поголем обем од понудата, пренесува Си-ен-би-си.
Компанијата, позната по четботот „Клод“, планира да понуди 825 милиони акции од класа А, по цена од 70 до 78 долари за акција. Конечната цена треба да биде утврдена на 18 ноември, а почетокот на тргувањето на берзата Насдак, под ознаката ANT, се очекува на 19 ноември.
Доколку акциите бидат понудени по највисоката предвидена цена, компанијата би можела да собере до 64,35 милијарди долари. Нејзината проценета вредност, на целосно разводнета основа, би достигнала околу 1,4 билиони долари.
Околу 20 проценти од акциите би можеле да бидат наменети за индивидуални инвеститори, што е значително повеќе од вообичаениот удел во големите јавни понуди. Поголемиот дел би бил наменет за институционални инвеститори.
Во меѓувреме, седум големи технолошки компании – „Гугл“, „Енвидија“, АМД, „Бродком“, „Мајкрософт“, „Мајкрон“ и ТСМЦ – договориле дополнително купување акции на „Антропик“ преку приватна понуда вредна вкупно 26 милијарди долари. „Гугл“ и „Енвидија“ треба да вложат по 10 милијарди долари.
„Антропик“ е основана во 2021 година и е најпозната по развојот на семејството модели за вештачка интелигенција „Клод“.