Поранешниот хотел „Пива“, еден од препознатливите симболи на туризмот во Плужине, Црна Гора, е урнат, а на негово место ќе биде изграден нов, современ хотел. Инвеститор на проектот е српскиот кошаркар и НБА-ѕвезда Богдан Богдановиќ, кој потекнува од овој крај.
Како што пренесува РТНК, уривањето на стариот објект го означува почетокот на реализацијата на проектот, од кој се очекува да донесе нова туристичка понуда во Плужине.
Градоначалникот на општината, Слободан Делиќ, истакна дека хотелот „Пива“ имал големо симболично значење за градот, но дека е дојдено време за изградба на објект што ќе одговори на современите туристички потреби.
„НБА-ѕвездата Богдан Богдановиќ гради хотел. Сопствениците постепено започнаа со реализација на проектот. Планирани се поголема површина и поинаков изглед, а очекувам новиот објект да биде современ и функционален и да донесе нова вредност за нашата општина“, изјави Делиќ.
Засега не се познати сите детали за проектот, вклучително и конечниот сместувачки капацитет и изгледот на хотелот. Сепак, општинските власти очекуваат инвестицијата да го поттикне развојот на туризмот и да го зголеми интересот за Плужине.
Уривањето на стариот хотел предизвика и носталгија кај жителите. Од Природниот парк „Пива“ потсетија дека објектот бил изграден пред половина век и претставувал важен дел од историјата на градот, со кој многу генерации ги поврзуваат убавите спомени.
Хотелот престанал да работи во 2011 година, а семејството Богдановиќ го купило во 2019 година.
„Со стариот хотел заминува и дел од историјата на Плужине, но ова не е само крај на една приказна, туку и почеток на нова. Веруваме дека новиот хотел ќе донесе нова енергија и значително ќе придонесе за развојот на туризмот“, порачаа од Природниот парк „Пива“.