Британската комичарка и авторка Амелија Димолденберг објави дека по повеќе од една деценија го завршува снимањето на својот популарен серијал на YouTube „Chicken Shop Date“.
Димолденберг го започнала серијалот на 17-годишна возраст, со идеја дека љубовта на нејзиниот живот би можела да ја запознае во ресторан за пилешко. Во објавата се присети на годините поминати во создавање на емисијата и на бројните познати личности кои биле нејзини гости.
„Никогаш не мислев дека ќе престанам да го снимам „Chicken Shop Date“. Верував дека засекогаш ќе биде дел од мене и на некој начин секогаш ќе биде, но чувствувам дека сега е време да ја завршам оваа авантура и да тргнам кон нова“, напиша Димолденберг.
Таа им се заблагодари на гледачите кои го следеле серијалот и истакна дека уживала во создавањето на приказните што ги гледала публиката.
Сепак, „Chicken Shop Date“ нема веднаш да заврши. Димолденберг најави уште неколку последни епизоди со кои ќе го одбележи серијалот пред дефинитивно да се збогува со форматот.