Американскиот актер Бен Афлек откри дека Брус Вилис го советувал да не прифати улога во филмот „Вљубениот Шекспир“, остварување кое подоцна освои седум награди „Оскар“, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм.
Афлек се присети на разговорот за време на гостувањето во подкастот „Happy Sad Confused“, зборувајќи за снимањето на научнофантастичниот филм „Армагедон“ од 1998 година, во кој глумеше заедно со Вилис. Тогаш неговиот колега му давал совети за кариерата, па дури и му забележал дека има превисок глас.
„Човеку, не оди да го снимаш тој филм за Шекспир. Не сакаш да го правиш тоа“, се присети Афлек на советот од Вилис.
Актерот призна дека Вилис погрешил, но додаде дека неговиот колега воопшто не го прочитал сценариото. Афлек сепак ја прифатил улогата на Нед Ален, актер кој настапува во театарски претстави во времето на Вилијам Шекспир.
Филмот во режија на Џон Маден, со Џозеф Фајнс и Гвинет Палтроу во главните улоги, освои седум „Оскари“ на церемонијата во 1999 година. Палтроу беше наградена за најдобра актерка, а Џуди Денч за најдобра споредна актерка.
Афлек нагласи дека Вилис немал лоша намера кога му го давал советот, опишувајќи го како исклучително добар човек и додавајќи дека го сака.