Брзиот воз на релацијата Белград–Будимпешта–Виена ќе почне да сообраќа на 13 декември, потврди вршителот на должноста директор на српското железничко претпријатие „Србијавоз“, Љубиша Пејчиќ, за агенцијата Танјуг.
Почетокот на сообраќањето се совпаѓа со воведувањето на новиот возен ред, кој ќе важи во текот на следната година. Пејчиќ истакна дека „Србијавоз“ одамна е подготвен за почеток на линијата, но дека унгарските партнери инсистирале на дополнителни тестирања на нивната територија.
Тој посочи дека српската железничка пруга е целосно денивелирана, односно дека на неа нема вкрстувања со патниот сообраќај на исто ниво. За разлика од неа, во Унгарија има повеќе од 90 железнички премини, поради што биле потребни дополнителни проверки.
Се очекува продажбата на билетите да започне наскоро. Цените сè уште се договараат со железничките компании од Унгарија и Австрија.
„Цената ќе биде утврдена во договор со унгарската железница, а за Виена ќе учествува и австриската железница. Во јавноста се појави информација дека билетот до Виена би чинел 43 евра, додека цената до Будимпешта би била околу 35 евра. Сепак, сè уште сме во фаза на договарање“, изјави Пејчиќ.
Според најавите, ќе има вкупно осум поаѓања дневно: две кон Виена и шест кон Будимпешта.
Конечните цени на билетите и деталите за возниот ред се очекува да бидат објавени пред почетокот на сообраќањето.