Актерката Весна Петрушевска се соочи со навредливи и вознемирувачки коментари на социјалните мрежи откако непознат корисник ѝ испратил порака во која ја споменува нејзината ќерка Мина.
Петрушевска ја објави пораката на својот профил на Инстаграм, во која стои: „Да ти цркне Мина“. Актерката реагираше иронично на навредата, коментирајќи: „Златен тој креативен, па храбар, па паметен, досетлив“.
Вознемирувачката порака пристигнала само еден ден откако актерката емотивно го одбележа 22. роденден на својата ќерка. Во објавата таа сподели дека по долг, тежок период двете повторно живеат посмирено и посреќно, но и дека нивната заедничка борба продолжува.
Петрушевска откри и дека во изминатиот период двете успеале да ослабат по 17 килограми и дека продолжуваат кон посакуваната цел. Таа нагласи дека секој ден за нив претставува мала победа.
Мина во 2024 година се соочила со сериозни здравствени проблеми за време на престојот во Дубаи, откако добила белодробна емболија. Поради тешката состојба, 15 дена била на респиратор. Тогаш Весна Петрушевска отворено зборуваше за стравот и неизвесноста низ кои поминало семејството.
