Британскиот актер Даниел Редклиф сè уште не одлучил дали ќе ја гледа новата телевизиска серија за Хари Потер, што ја подготвува HBO. Тој признава дека ретко гледа телевизија, а осумчасовна содржина му изгледа премногу долга.
„Не знам дали ќе ја гледам, искрено. Веќе поминав многу време во светот на Хари Потер. Освен тоа, воопшто не гледам телевизија. Осум часа се многу за што било“, изјави Редклиф за АП.
Актерот имаше 11 години кога беше избран за улогата на младиот волшебник во филмската франшиза според романите на британската писателка Џ. К. Роулинг. Во текот на повеќе од една деценија го толкуваше Хари Потер во осум филмови, чие снимање заврши во 2011 година.
Новата серија на HBO ќе започне да се емитува следниот месец. Првата сезона ќе има осум епизоди и ќе ја следи приказната од првиот роман „Хари Потер и каменот на мудроста“. Главната улога ќе ја преземе младиот актер Доминик Меклафлин, кому Редклиф веќе му испратил писмо со поддршка.
Редклиф вели дека не сака да му дава совети на својот наследник за да не му создава дополнителен притисок. Уверен е дека младиот актер ќе се снајде одлично и дека се радува на можноста еден ден да го запознае.
Актерот претходно изјавил и дека му е драго што неговиот син во иднина ќе може да ја гледа приказната за Хари Потер во верзија во која неговиот татко не ја игра главната улога.
Редклиф моментално е ангажиран во телевизиската серија „Подемот и падот на Реџи Динкинс“, чии епизоди траат околу 22 минути.