Партон
Во американската сојузна држава Тенеси, каде републиканската државна власт и демократската градска администрација на Нешвил водат жестоки политички и правни битки, едно име успеа да ги стави на иста страна – Доли Партон.
Постои широка поддршка Меѓународниот аеродром во Нешвил да го добие името на музичката икона, која почина пред две недели. Доколку постапката заврши успешно, Партон би станала првата жена по која е именуван еден од 50-те најпрометни аеродроми во САД.
Политичкиот контекст ја прави согласноста уште понеобична. Од партискиот конфликт во 2023 година околу аеродромот практично постојат две управувачки структури – една под контрола на државата и друга под контрола на градот, а правната битка околу тоа кој навистина има надлежност сè уште трае.
Но, кога станува збор за Доли Партон, двете страни се согласуваат.
Управниот одбор на аеродромот под контрола на државните власти едногласно го поддржа започнувањето на процесот за преименување. Поддршка има и од демократскиот градоначалник на Нешвил, Фреди О’Конел.
„Федералната управа за воздухопловство ќе добие два гласа од два одбора и двата ќе бидат потврдни“, изјави портпаролот на градоначалникот, Алекс Епл.
Стјуарт Меквортер, член на државниот одбор и соработник на гувернерот Бил Ли, дури ја искористи Партон како симбол за надминување на политичкиот конфликт. Тој порача дека, во нејзин дух, двете страни би можеле да се издигнат над судските спорови и повторно да почнат да соработуваат.
Идејата за името на аеродромот доби нов интензитет по смртта на Партон, но иницијативата е постара. Уште во 2025 година, нејзината обожавателка Лидија Попович започнала петиција, која досега собрала повеќе од 175.000 потписи.
Интересно е што самата Партон за време на животот внимателно ги одбивала ваквите големи почести. Кога пратеници во Тенеси во 2021 година предложиле нејзина статуа пред зградата на државниот парламент, таа побарала предлогот да биде повлечен.
Тогаш оставила и порака која денес добива поинакво значење – дека можеби еден ден, по неколку години или откако повеќе нема да биде меѓу живите, таква почест би била соодветна доколку луѓето и натаму сметаат дека ја заслужува.
Родена во сиромашно семејство во подножјето на планините Грејт Смоуки, Партон изгради кариера која ги надмина границите на кантри-музиката. Зад себе остави песни како „Jolene“ и „I Will Always Love You“, но и филмски улоги во „9 to 5“ и „Steel Magnolias“. Нејзината популарност со децении ги надминуваше генерациските, географските и политичките поделби во САД.
Сепак, промената на името нема да се случи веднаш. Според проценките на аеродромските власти, целата процедура може да трае една година или подолго, а ќе биде потребен и договор со наследниците на Партон за прашања поврзани со користењето на нејзиното име и приходите од брендирани производи.
Лидија Попович, иницијаторката на петицијата, присуствувала на седницата и заплакала по едногласната одлука.
„Таа е најдоброто што го има Тенеси. Таа е најдоброто од човечкиот род. Беше волшебна личност и светилник за сите нас“, рече Попович, додавајќи дека сега Тенеси има можност да го слави нејзиниот живот и да му покаже на светот колку била сакана.