Актерката Бони Рајт, позната по улогата на Џини Визли во филмскиот серијал „Хари Потер“, го доби второто дете со сопругот Ендру Лококо. Таа на Инстаграм објави дека на 28 септември родила син, кому му го дале името Астер Скај Рајт Лококо.
„Поздравете го нашиот син. Астер Скај Рајт Лококо се роди дома на 28 септември, а името го доби по цветот во форма на ѕвезда“, напиша 35-годишната актерка. Таа додаде дека нивниот постар син Елио веќе му покажува многу љубов на помалиот брат.
Рајт во април објави дека е бремена по вторпат, а еден месец подоцна зборуваше за различното искуство со втората бременост, објаснувајќи дека енергијата ја дели меѓу грижата за малото дете и промените во сопственото тело.
Актерката и Лококо се венчаа во март 2022 година, а нивниот прв син, Елио Оушан, се роди во септември 2023 година, исто така дома. Рајт тогаш го опиша породувањето како исклучително интензивно искуство и му се заблагодари на сопругот за поддршката.
Во разговор за „Ју-Ес викли“ во септември 2024 година, актерката откри и дека се надева оти нејзиниот син ќе го запознае светот на „Хари Потер“. Таа рече дека сака прво да ги прочитаат книгите, а потоа да ги гледаат филмовите.