Прага започнува инвестициски бран вреден повеќе од 10 милијарди долари, со план напуштените железнички станици, индустриските комплекси и товарните терминали да се претворат во нови станбени населби, паркови и деловни простори. Во големата урбанистичка преобразба сè поголемо влијание имаат чешките и словачките милијардери, пренесува „Блумберг“.
Меѓу најголемите проекти е преобразбата на поранешниот железнички комплекс во Бубни, во северниот дел на Прага, каде што се планира населба за повеќе од 20.000 жители. Инвестициската група АКИПИА, меѓу чии финансиери е чешкиот милијардер Михал Стрнад, планира да учествува во финансирањето на проект вреден 4,2 милијарди долари, кој опфаќа парк и нов дом за Чешката филхармонија.
Во проектот учествуваат и словачките милијардери Патрик Ткач и Иван Јакабович, основачи на инвестициската група Ј&Т, како и Марек Доспива од компанијата „Пента Инвестментс“. Нејзината дивизија за недвижности ја презела водечката улога во развојот на локацијата претходно оваа година.
Голема преобразба се планира и во Смихов, на југозападот од градот, каде што на поранешен товарен железнички комплекс се гради повеќенаменска населба со станови, канцеларии, продавници, кафулиња и уреден булевар. Проектот го спроведува групацијата „Секира“, во сопственост на милијардерот Људек Секира, а неговото завршување се очекува до средината на следната деценија.
Компанијата „Пента“ го развива и проектот „Флоренц21“, вреден околу 920 милиони долари. Со него запуштениот простор околу едно од главните сообраќајни јазли во градот треба да се претвори во позелена населба приспособена за пешаци. Компанијата стои и зад деловниот комплекс „Масаричка“, проектиран од архитектонското студио на Заха Хадид.
Инвестицискиот замав делумно е овозможен со новите правила за урбанистичко планирање, кои стапиле во сила во септември, по долгите јавни расправи и политички преговори. Новиот план треба да ја олесни пренамената на напуштените индустриски површини, особено оние добро поврзани со јавниот превоз, и да овозможи изградба на нови станови без ширење на градот кон околните подрачја.
Сепак, Прага и натаму се соочува со сериозен недостиг од станови. Градот годишно добива околу 5.000 нови станбени единици, што е само половина од потребниот број. Според анкета цитирана од чешката телевизија, околу 77 отсто од жителите сметаат дека недостигот од достапни станови за купување или изнајмување е голем проблем.
Новиот урбанистички план не ги обврзува инвеститорите да издвојат одреден дел од становите за достапно домување, туку главно се потпира на зголемување на понудата преку ослободување земјиште за градба. Поради тоа, постојат и стравувања дека приливот на нови жители би можел дополнително да го оптовари сообраќајот, јавните услуги и постојните населби.