Грција донесе одлука за забрана на користењето социјални мрежи за деца помлади од 15 години, со примена од 1 јануари. Со оваа мерка, земјата се вбројува меѓу првите членки на Европската Унија што воведуваат вакво ограничување, објави јавниот сервис ЕРТ њуз.
За време на парламентарната расправа, министерот за дигитално управување и вештачка интелигенција, Димитрис Папастергиу, ја бранеше мерката како неопходна, ефикасна и соодветна, усогласена со правото на ЕУ.
„Денес би било многу лесно да не преземеме ништо и да чекаме совршен европски закон“, изјави Папастергиу.
Тој предупреди дека неконтролираното користење интернет може да доведе до зависност кај децата и да му наштети на нивното ментално здравје, поради што, според него, не смее да продолжи без ограничувања.
Во иднина, платформите ќе мора да ја проверуваат возраста на своите корисници. Во заштитата на децата треба да помогне и апликацијата „Кидс волет“, развиена од грчкото Министерство за дигитално управување, која е наменета да им помогне на родителите да ги заштитат децата на интернет.
Франција во јули стана првата земја од ЕУ што воведе забрана за социјалните мрежи за деца помлади од 15 години. Сепак, во август, францускиот Уставен совет го поништи законот, оценувајќи дека со него прекумерно се ограничуваат слободата на изразување и комуникација.
Францускиот претседател Емануел Макрон и понатаму ја поддржува потребата од ваква забрана и му наложи на премиерот Себастијан Лекорни да подготви изменета верзија на законот што ќе има цврста правна основа.
На ниво на Европската Унија, Европската комисија во септември го претстави Законот на ЕУ за заштита на децата на интернет, познат како „ЕУ кидс акт“. Меѓу предложените мерки се целосна забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 13 години и можност за отворање самостојни сметки дури од 15-годишна возраст. Предлогот во моментов е предмет на расправа во Европскиот парламент и меѓу земјите членки.