Connect with us

#ФАЦИ

Храбро се гледам во огледалото ѝ сега кога ги немам двете гради: Сликарката Анжелика Колева за борбата со ракот на дојката

Уметницата Анжелика Колева пред неколку месеци направи операција и ги отстрани двете гради, откако на рутинска контрола открила дека има рак на дојката. Таа во разговор за „Репортер“ раскажа дека по првото породување ѝ се појавиле цисти кои не се опасни, но редовно ги проверувала. Така и овој пат, дома направила самопреглед  па почувствувала дека цистата е полна. Ова бил аларм да закаже преглед кај својата докторка и да ја извади течноста која ѝ пречела.

„Дознав дека имам рак кога отидов на рутинска контрола. Мојата докторка, Елизабета Бабушку, ми рече прво да направам мамографија со која го откривме туморот. Беше под полната циста и не можев самата да го приметам со самопреглед, иако постојано го правев тоа. Таа ми го продолжи животот и додека дишам ќе ѝ бидам благодарна. Кога ги донесов резултатите од мамографијата, по нејзиниот лик сфатив дека нешто не е во ред. Направив и биопсија за да откриеме дали е малигно. Кога излегов од клиниката, седнав во кола за да одам дома. Ни сега не знам како стигнав и како возев. Се јавив на сопругот и децата и заплакав кога видов дека сите ме чекаат на вратата од нашиот дом. Не можев да се воздржам, сакам да ги поштедам од вакви ситуации, но тоа е невозможно“, ја почна Анжелика својата приказна.

Таа за два дена ги добила резултатите кои потврдиле дека туморот е малиген и мора да се оперира. Не сакала да бара второ мислење, туку со нејзината лекарка се договориле веднаш да ги извади двете гради, а потоа да оди на хемотерапија. Иако не било лесно да се издржи сето тоа, Анжелика е свесна дека хемотерапијата ќе ѝ помогне да ја победи болеста која ја откри во раната фаза.

„Сè се случи во една недела. Кога отидов кај д-р Андреја Арсовски, веќе бев решена да направам комплетна мастектомија. Иако можеше да се извади само дел, решивме тоа да биде радикално. Инсистирав да се исчисти и другата, здрава града. Нека биде сè во ред, па ќе има и реконструкција. Сега сè е достапно“, ни кажа во разговорот за „Репортер“.

На прашањето, како се чувствуваше кога првпат си го виде телото во огледало по операцијата, вели: „Во болница бев само четири дена. Таму бев со завои и, искрено, се прашував како ќе реагирам кога ќе ги тргнат завоите. Се изненадив колку бев спремна за тоа. Тие денови ми прелетуваа мисли што си ги повторував цело време: ‘Океј е Анжелика, го фрли тоа ѓубре што не требаше да биде таму, сега си чиста и одиме понатаму. Сè можеш да решиш, само главата нека ти остане на раменици’. И сега храбро се соочувам со глетката во огледало. Па тоа сум јас. Тие лузни ме научија да се сакам себеси и да се прифатам ваква. Да го посакувам животот повеќе. Да бидам уште посилна“.

Првиот месец по операцијата Колева мирувала дома, а потоа почнала со хемотерапии. Лекарите за почеток ѝ одредиле шест третмани. Терапиите ги поминувала лесно, па затоа во ниеден момент не престана да слика.

„И сега на моменти се чувствувам како успорена поради нив, но се прилагодувам. Цело ова време цртам, пишувам, медитирам, пешачам, и тоа многу ми помага. Секој месец правам детокс на организмот. Го сменив и начинот на исхрана и навистина се чувствувам убаво, ослободено“, вели таа.

Па, третманите иако ги поминала лесно, ноќите често ѝ биле мачни. Ѝ се слошувало среде спиење, ја болеле коските, а на моменти се чувствувала како да се распаѓа.

„Не дозволив да ме легнат болките. Кога го прашав мојот онколог Илир Исмаили што да правам со болките, тој ми рече дека ќе боли и понатаму, но тоа значи дека сум жива и дека терапиите делуваат. А јас му верувам и верувам дека сè ќе помине. Не е лесно, но најважна е психата и позитивната мисла.  По третата терапија почна да ми паѓа косата. Не сакав да гледам прамени насекаде, па му реков на сопругот да ја земе машинката и да ме истриже. Ни тоа не ми падна тешко. Не знам како се чувствуваше тој, но сепак го стори тоа. Цел живот носам шапки, шешири, марами, турбани на глава, па и тој стил ни беше нешто ново. Не се срамев да шетам без коса, но почна летото и морав да се заштитувам. Веѓите ги цртав, уметник сум нели, трепки си ставав и во ниеден момент не почувствував негативност“, ни раскажа Анжелика.

Таа верува дека ракот е само состојба што ќе помине и тоа ја тера постојано да се смее и да е позитивна. Силата ја наоѓа во најблиските и верува дека има уште многу за што вреди да живее.

„Го сакам животот, колку и да е лош и неправеден кон мене, а ова не е крај на мојата мисија. Нормално е и да не ти е добро на моменти, па научив да плачам кога ми се плаче, да не чувам во себе. Кога ќе ме фати криза си ги повторувам зборовите што ми ги кажа мојот помал син ден пред операцијата, ден во кој почина наш драг пријател: ‘Мамо, ти имаш можност да се бориш, на некој таа можност не му е дадена’. Секојдневно си го повторувам ова. Секој ден е борба и треба да сме благодарни секое утро што се будиме. Блиските не ме поштедуваат и се однесуваат со мене како ништо да не се случило. И јас сум им благодарна за тоа. Болеста ми кажа што требаше да ми каже, прифатив и сега не ми треба. Ме научи дека треба да се менувам. И сега дишам со полни гради“, рече Анжелика и призна дека сликањето, со кое се бави долги години и сега ѝ е најдобрата терапија.

„Уметноста отсекогаш ми била терапија. Сите мои емоции се разлеани по платната. Не би можела без неа. А и не сакам. Ракот ме научи и тоа да кажувам: ‘Не сакам и ништо не морам’,“ ни кажа Анжелика.

Освен сликањето, терапија ѝ се и разговорите со жени кои веќе поминале низ истата голгота како неа. Вели, со многу од нив разговара и разменува искуства.

„Се советуваме и секоја од нив ми е посебно драга. Многу нè има, ама многу. И на ниедна рози не ѝ цветале, но по ракот, верувам дека самоосвестувањето делува кај секоја од нас. Затоа, за жените што се борат со тумор на дојката, па и секој друг вид на тумор, имам само еден совет: Да прават се што љубат, се што ќе ги прави да бидат среќни, да го живеат животот, да сфатат дека се умира и од други болести за миг, да говорат гласно за својата состојба, да се сакаат себеси, да побараат помош ако им треба, да не се затвораат во себе“.

Андријана Јовановска

Извор: Репортер.мк

#ФАЦИ

Првпат во животот облеков фармерки откако ослабев 60 килограми: Пејачката Ивона Јо среќна и посветена на музиката 

Пејачката Ивона Јовановиќ ослабе 60 килограми и првпат во животот облече фармерки. Шест месеци по операцијата на желудникот вели дека конечно е задоволна кога ќе се погледне во огледало.

„Веќе ја немам онаа лажна самодоверба. Кога се затворивме во пандемијата, дознав многу работи за себе, на пример дека се прејадував не затоа што сум била гладна, туку за да го скријам стресот. Денес животот ми е сменет, вежбам јога, медитирам, посветена сум на пеењето и настапите и конечно сум вистински среќна“, вели Ивона во интервјуто на „Репортер“.

Се дружевме во Куманово, градот каде што е родена и живее. И додека ни ги откриваше омилените места на нејзиниот град разговаравме за сè. За музиката, настапите во „Ѕвездите на Гранд“, па и онаа болна тема, психичките проблеми кои со години ја мачеле поради дебелината.

„Никој не ме прашуваше како сум. Ме покажуваа со прст и коментираа дека сум дебела. Кога објавив слики на кои носам свилен фустан, луѓето мислеа дека промовирам гојазност. Јас тоа го направив за себе. Разговорите со психолог многу ми помогна да ги надминам проблемите и да сфатам дека имам многу квалитети за кои не бев свесна“, вели Ивона.

Од дете имала проблем со дебелината, Баба ѝ ја учела да носи широка облека за да ѝ го покрива телото. Денес, кога тоа е минато, Ивона вели дека веќе не се лути, ниту на родителите ниту на баба ѝ.

„Им простив, затоа што само така можев да тргнам напред и да ги надминам сите психолошки проблеми“, искрена е пејачката.

Низ сите овие години музиката ја водела напред. Зад неа е и бендот со кој ни покажа како се пее. А, кога е на јога, освен што го затега телото, си ја смирува и душата. Помеѓу музиката и јогата, секогаш наоѓа време за дружење и чаша вино со нејзиниот најдобар пријател, пејачот Марио Арангеловски. Марио го запознала на аудиција за ‘Идол’. Иако не се сакале, денес се најдобри другари.

„Баба му Ратка многу ме сака и сака да ѝ бидам снаа. Марио лаже дека не сме љубители на алкохолот. И двајцата  сакаме да испиеме чаша добро вино“, рече Ивона. Поради алкохол настанал и најсмешниот клип за јутјуб што го снимиле и бидејќи пијани глумеле модно жири, клипот никогаш не го објавиле.

Дали им било непријатно да се бакнуваат пред камери, како еден на друг си биле лоша среќа во „Гранд“, ама и зошто Ивона не ѝ пееше пратечки вокали на Калиопи на Евросонг. Тука се и муабетите за детството , за операцијата што ја чека пред крајот на годината, песната што наскоро ќе ја снима во Белград, како од 5ХЛ стигна до Л и зошто сака да отвори бутик на плус сајз девојки… гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

 

Извор: Репортер.мк

Continue Reading

#ФАЦИ

(Видео) Геј пар се венчаше со евровизиската песна на Васил Гарванлиев

Евровизиските фанови Тој и Гој, кои имаат свој Јутјуб канал, биле толку многу воодушевени од песната Here I Stand што Васил Гарванлиев ја пееше лани на Евросонг, што ја избрале како главна песна на нивната свадба. Тие ова го открија во видеото во кое ги споделија своите впечатоци од песната Circles со која Андреа годинава ќе ја претставува Македонија на музичкото натпреварување.

„Се сеќавате ли каква реакција имав лани кога првпат ја слушав песната на Васил? Навивав за него да успее, и знам дека луѓето велат дека песната е малку лигава, ла, ла, ла, но ако ја слушнете само инструменталната верзија на песната, ќе сфатите дека е прекрасна. Прекрасна. Таа беше една од главните песни на нашата венчавка. Васил требаше да пее во финалето. Песната ја гледаме како вистински подарок од Васил за свадбата. И иако не сме го запознале, знаеме дека ќе го обожаваме и кога ќе го сретнеме“, велат Тој и Гој во видеото.

Инаку, песната Here I Stand беше промовирана пред точно една година, а ја претставуваше Македонија на Евросонг во Ротердам. За да ја одбележи годишнината, пред неколку дена, Васил објави десет ремикси на песната кои ги направија диџеи од целиот свет.

„Сега тие ја пуштаат Here I Stand во клубовите и дискотеките. Песната почнува да грми на журки“, рече Васил за „Репортер“.

Извор: Репортер.мк

Continue Reading

#ФАЦИ

Андреа со песната „Circles“ ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2022

Вечерва беше избран нашиот евровизиски претставник, и победата ја однесе Андреа со песната „Circles“.

Пред камерите се претставија шесте кандидати за кои народот имаше можност да гласа изминативе денови. Кали, Лара, Виктор, Јон, Андреа и Рис Флауер се релативно млади музичари, кои претходно беа избрани на конкурсот кој го распиша МРТ.

„Пред сè, благодарам Македонија! Ветувам дека ќе направам сè да ги оправдам вашите очекувања. Честитки за сите учесници во национланиот избор, бевте тешка конкуренција Оваа шанса за мене е одговорност, како професионална, така и лична. Поддршката од страна на публиката и медиумите ми даде голем поттик овие две недели. Масевски, благодарам за Circles! Останува да продолжиме со полна пареа со подготовките за Евровизија и достојно да ја претставиме Македонија во Торино“, напиша Андреа на социјалните мрежи.

Избирањето се одвиваше по пат на онлајн гласање, а гласовите од јавноста сочинуваа 50 проценти, додека останатите 50 проценти беа доделени од страна на стручно странско жири.

Continue Reading
Advertisement

Facebook

Facebook

Трендинг

Copyright © Mediaset.mk / 2020

error: