Производството на хуманоидни роботи во САД би можело значително да се зголеми во наредните години, а нивната поширока примена во индустријата би им донела на компаниите заштеди од околу 100.000 долари годишно по корисник.
Инвестициската банка „Џеј Пи Морган“ проценува дека годишното производство на хуманоидни роботи во САД би можело да достигне од 300.000 до 400.000 единици до 2030 година, а околу 1,5 милиони до 2035 година. Ова укажува на премин од пробни проекти кон нивна комерцијална употреба, пренесува „Ројтерс“.
Недостигот од работна сила, подобрувањето на исплатливоста и зголемувањето на производствените капацитети го забрзуваат интересот за овие роботи. Најголем потенцијал за нивна примена има во производството, логистиката и складирањето, каде што би можеле да преземат повторливи работни задачи.
Сепак, проширувањето на производството го ограничуваат достапноста на хардвер, податоците потребни за обучување на системите за вештачка интелигенција и компјутерските капацитети. Повеќето американски компании од овој сектор, со исклучок на „Тесла“, засега планираат годишно производство од 10.000 до 30.000 роботи.
Според процените на банката, трошоците за користење хуманоидни роботи се приближуваат до трошоците за човечки труд, а нивната работа во повеќе смени би можела да донесе годишна заштеда од околу 100.000 долари, односно приближно 90.300 евра по корисник.
Меѓу главните пречки за понатамошниот развој се издвојуваат усовршувањето на роботските дланки, актуаторите – механизмите што ги придвижуваат деловите на роботите – како и ограничените производствени капацитети.