Џенифер Лопез се најде во урнебесна ситуација за време на проекцијата на нејзиниот телевизиски специјал „The JLO Show: Live in Las Vegas“ во Њујорк, кога обожавател од публиката се пошегува на сметка на нејзиниот љубовен живот. Пејачката не можеше да ги задржи солзите од смеа, пренесува „Тудеј“.
За време на разговорот, Лопез спомнала дека досега се развела четири пати, покажувајќи четири прста. Во тој момент, некој од публиката ѝ довикнал: „Имаш уште шест прсти!“
Пејачката веднаш избувнала во смеа, почнала да потскокнува и да покажува кон обожавателот. „Токму така! Боже мој, ова е најсмешното нешто што сум го слушнала во животот“, одговорила таа.
Снимката од нејзината реакција брзо се проширила на социјалните мрежи, каде што многумина ја коментирале нејзината искрена реакција. Дел од обожавателите дури предложиле шегата да се испечати на маица.
Лопез досега имала четири брака. Првиот пат се омажила за Ојани Ноа во 1997 година, но се разделиле веќе следната година. Од 2001 до 2003 година била во брак со танчерот Крис Џад, а во 2004 година се омажила за пејачот Марк Ентони, со кого има близнаци. Нивниот брак завршил во 2014 година.
Нејзиниот четврти сопруг беше актерот Бен Афлек. По прекинот на првата свршувачка во почетокот на 2000-тите, двајцата повторно ја обновија врската речиси две децении подоцна и се венчаа во 2022 година. Се разделија во 2024 година, а разводот беше финализиран во 2025 година.
Лопез претходно беше свршена и со поранешниот бејзбол-играч Алекс Родригез, но нивната врска заврши во 2021 година.
Пејачката и во минатото отворено зборувала за своите љубовни разочарувања. Во разговор со Хауард Стерн во 2025 година, таа признала дека дури по последниот развод сфатила дека мора да научи да се сака себеси. Последниот развод го опишала како „најдоброто нешто што ѝ се случило“.