Италија и Шпанија се на врвот на листата на најпопуларни дестинации за есенски одмор меѓу европските туристи, покажуваат најновите податоци на туристичката организација „Конфтуризмо Конфком“, пренесени од агенцијата АНСА.
Двете земји делат прво место со по 28 проценти од изборите на анкетираните туристи. По нив следуваат Грција со 20 проценти, Франција со 17 и Португалија со 16 проценти.
Меѓу главните причини поради кои туристите ја избираат Италија се пониските цени и поповолните понуди во споредба со летната сезона, што го посочиле 31 процент од испитаниците. За 29 проценти привлечна е благата клима, а 24 проценти ги издвоиле туристичките места со помалку гужви.
Подобар однос меѓу цената и квалитетот, како и можноста за помирно разгледување на градовите, музеите и културните знаменитости, биле важни за по 21 процент од анкетираните. Дополнителни 14 проценти ја избрале Италија поради можноста за уште неколку дена на море, благодарение на пријатното време. Кај германските туристи овој удел достигнува 21 процент.
Италија е прв избор за туристите од Шпанија, втора најпопуларна дестинација во Полска и трета меѓу германските туристи.
Претседателот на организацијата „Конфтуризмо-Конфком“, Манфред Пинцгер, оцени дека есента претставува голема можност за италијанскиот туризам. Според него, туристите сè повеќе бараат квалитетни искуства, пристапни цени и места без големи гужви, а Италија располага со разновидна понуда што одговара на овие барања.
Тој нагласи дека туристичкото наследство треба да се искористи и надвор од летните месеци, со цел посетите да бидат порамномерно распределени во текот на годината и да се отворат нови можности за локалните заедници и туристичките компании.