Каролина првпат проговори за разделбата на родителите: Денес се во одлични односи
Поп-ѕвездата Каролина Гочева 30 години е на музичката сцена. Зад неа се хитови, фестивали, концерти, настапи. На 1 јули на стадионот на АРМ ќе има прв концерт под отворено небо со хитови од нејзиното најубаво музичко време. По три години пауза, повторно е пред скопската публика, а концертот го носи името „Ајде да летаме“.
„Едвај чекам. Возбудата е голема, ама најголемата енергија пред овој концерт ми ја зема временската прогноза“, искрена е Каролина.
Во текот на сите овие години вели дека пеела и кога е среќна, и кога е тажна и кога е болна. „ На концертите во Филхармонијата, а беа четири, на последниот ми се слоши додека пеев, затоа што предходно бев болна. Ама издржав до крај затоа што и тоа е дел од работата“, раскажува поп-ѕвездата.
Неодамна се врати од женски одмор, на кој беше со мајка си, сестра си и со внуките. „Секое лето тие неколку дена ми се најубави. Знаеме и да се скараме и да се смириме, ама тоа е сè нормално за семејствата што се блиски“, раскажува Каролина.
Посебна приказна е сестра ѝ Сандра, од која е две години постара. „Уште кревам паника ако ја нема да се јави, па им вртам на сите можни луѓе што се околу неа за да ја чујам ако не ми крене. Сега внуките ме научија, па ѝ велат: мамо јави ѝ се на тета за да не се секира. Кога бевме мали, двете бевме рогови во вреќа оти во тинејџерските години се забележуваше таа разлика. Денес, имаме исти пријатели и многу сме блиски. Кога се караме, сакам да држам лутина, ама не ми оди, а и денес, исто како и кога бевме мали, си ја крадеме облеката една на друга“, раскажува Каролина.
Со посебна љубов зборува за внуките Луција и Инес, оти ако вели, љубовта на тетката е веројатно слична како што е љубовта на мајката кон децата.
Првпат проговори за разделбата на родителите. Тие повеќе од 20 години не живеат заедно, но и денес се големи пријатели. „ Кога се разведуваа тоа го направија да не приметиме јас и сестра ми. Тие денес се во одлични односи. Заедно сме за празници, родендени и таков цивилизиран однос меѓу разделените родители мислам дека е најдоброто нешто за децата. Татко ми е човек што не сака да го има на социјалните мрежи, ама кога сме заедно, на нашите ручеци или собири, секогаш гласно дебатираме и зборуваме за сè“, открива Гочева.
Во брак е со Михаил 5 години. Вели дека е среќна. За фотогрфаијата која тој и ја нацрта за каверот на албумот „Извор“ вели : „Моја желба и идеја беше Михо да ме нацрта, но не знаев дали ќе прифати. Ни откри дека добро се снаоѓа и во кујната и сека готви секој ден. „Не ме држи многу со муабет во студиото, морам да одам ручек да правам“, на шега вели Каролина . За тоа дали и колку ја погодуваат лошите коментари, вели: „Најзлобните коментари ги пишуваат жени што на профилната фотографија се со внуци или цвеќе. Не знам што ги тера да бидат такви, веројатно тоа ги исполнува“, искрена е Каролина.
Зборувавме за Битола, школските денови со Кире Лазаров и како поп-ѕвездата заврши во неговата книга, за бракот со Михаил, за естетските корекции, за семејството и каква е приватно Каролина… гледајте го интервјуто.
„Пил П50“ е „екстремно мал“ автомобил којшто на многумина веројатно им е познат од автомобилската емисија „Топ гир“ на Џереми Кларксон.
Со должина од 137 сантиметри и ширина од 99 цм, овој автомобил е без конкуренција по малите димензии. Замислено како најмалото можно моторизирано возило што може да превезува едно лице и една торба, не доживеа успех на пазарот. Беа произведени само 47 примероци, а се вели дека само 30 останале цели до денес. Има повеќе понуди и верзии на овој „минијатурен“ автомобил, но цената почнува од 10.379 фунти, односно 11.700 евра, нагоре. Тоа, според познавачите, не е малку, но објаснувањето е доста интересно.
Има и Турбо-верзија со помоќен погон од 5,76 киловати што ја зголемува максималната брзина од 50 на 80 км/ч. Тука е и верзијата со бензински мотор со волумен од 49 – 125 кубика.
Оригиналната верзија имаше едноцилиндричен мотор со зафатнина од 50 кубни сантиметри, поврзан со менувач со три брзини, но без рикверц, така што можеше да се сврти наназад само ако излезете од автомобилот, го подигнете задниот дел и го свртите за 180 степени. Според наводите, сите примероци биле наменети за жителите на Островот Мен.
За склопување на вакво возило потребни се основни алатки и не повеќе од 50 часа работа. Ако сакате готов автомобил, цената е значително повисока – 15.700 евра.
На некои места ширум светот, „селфито“ е забрането
Самосликот одамна е популарен начин луѓето да се изразат себеси. Сепак, познати туристички места ширум светот последново десетлетие воведуваат правила против тоа фамозно „селфи“. Следат неколку такви примери.
Без разлика каде ќе се најдете во Њујорк, на пр. забрането е фотографирање со животни, како лавови, тигри и други. Овој закон беше донесен 2014 година, со цел ограничување на „блискоста“ меѓу луѓето и животните, како и спречување повреда или нечија смрт. Иако на многу луѓе им е логично дека не треба да се приближуваат до диви животни, и на другиот брег на САД, за Езерото Тахо во Калифорнија, властите мораа да донесат закон за забрана на сликање со мечки.
Натаму, во Куќата за накит во Лондонската кула во Велика Британија, посетителите може да го разгледаат скапоцениот накит, којшто се наоѓа близу вооружени стражари. Сепак, тие се само за набљудување, бидејќи сликањето не е дозволено на ова место.
Откако неколку луѓе, извршувајќи верски должности во Мека, Саудиска Арабија, притоа објавуваа и фотографии на својот интернет-простор, саудиските власти го забранија сликањето на двете најпознати свети места – Светата џамија во Мека и Џамијата на Пророкот во Медина.
Во 2015 година, „Железничката компанија на Западна Јапонија“ воведе закон со којшто се забранува самослик со држач. Причината е заштита од паѓање на шините и од заплеткување со надземните кабли што може да предизвикаат струен удар за луѓето.
Од 2014 година, и на плажите „Гаропе“ во Франција има забрана за посетителите да прават самослик. Соопштението, според наводите во западни медиуми, гласи дека целта е да се спречат луѓето „да се фалат со својот одмор“ налето. Тука има и полиција којашто би спречила обид за самослик.
Самосликот е забранет и во Памплона, Шпанија, каде што се одржуваат светски познатите трки со бикови, заради спречување повреди и нечија смрт. Казната е исфрлање од трката, 3.000 фунти глоба, па и затвор.
Новата 3-Д печатена просторија на НАСА за подготовки за Марс
Американската Национална воздушно-вселенска администрација – НАСА ја претстави 3-Д печатената просторија од 160 метри квадратни во Тексас, каде што група луѓе ќе ги тестираат и ќе се подготвуваат за „вистинските предизвици“ на идните мисии на Марс.
– Ова е од клучно значење за тестирање решенија кои ги задоволуваат сложените потреби на животот на површината на Марс. Симулациите на Земјата ќе ни помогнат да ги разбереме и одговориме физичките и менталните предизвици со кои ќе се соочат астронаутите, пред тие да заминат, појасни Грејс Даглас, предводничка во научните истражувања на НАСА за напредна технологија за храна.
Затворениот протор се наоѓа во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, Тексас, САД. Овде, четворица доброволци, членови на екипажот, ќе почнат со подготвки за „Мисија на Марс“, ова лето, преку копнена симулација, помагајќи ѝ така на НАСА да се подготви за истражување со луѓе на Марс.=
Така, првата ваква мисија треба да почне во јуни. За време на симулацијата, четворицата луѓе ќе живеат и работат во 3Д-печатен „ИКОН“ модул што вклучува две бањи, вертикална фарма за зелена салата, соба за медицинска нега, простор за релаксација и неколку работни станици. Доброволците ќе спроведат различни активности типични за една вселенска мисија меѓу кои и симулирани вселенски излегувања или тн. „Марсовски прошетки“ (Marswalks), натаму – роботски операции, одржување на живеалиштето, лична хигиена, телесни вежби и одгледување на културите за исхрана.