Норт Вест, ќерката на Ким Кардашијан и Канје Вест, одговори на критиките за својот изглед и модниот стил, откако на социјалните мрежи беше опишувана како „демонска“. Во разговор со мајка ѝ за време на пренос во живо на ТикТок, 13-годишната Норт објасни дека преку облекувањето сака да ја изрази својата личност, а Ким застана во нејзина одбрана.
„Престанете да зборувате дека сум демонска. Не сум. Само сакам така да се облекувам. Не судете за книгата според корицата“, порача Норт, реагирајќи на коментарите за нејзиниот изглед.
Ким Кардашијан смета дека ваквите реакции се поврзани со модните додатоци што ги носи нејзината ќерка, меѓу кои црни навлаки за забите и пирсинзи.
„Да, мислам дека луѓето го зборуваат тоа поради црните навлаки за забите, пирсинзите и сличните работи“, рече Ким.
Норт, пак, не разбира зошто нејзиниот изглед се поврзува со демонски симболи. Таа објасни дека нејзиниот моден избор нема таква порака, а мајка ѝ истакна дека луѓето понекогаш погрешно го толкуваат стилот што не го разбираат.
Норт откри и зошто за својот прв самостоен настап, одржан во септември во театарот „Вик“ во Чикаго, избрала целосно бела облека во стилот на готската лолита.
„Мислев дека, ако тоа е мојот прв настап во животот, морам да се појавам како ангел, целосно во бело. Знаете дека немам никаква врска со тие демонски работи. Верувам во Исус. Сакав да ви покажам дека сум светлина, а не темнина“, објасни таа.
Ким призна дека не ја знаела симболиката што нејзината ќерка ѝ ја припишува на оваа облека. Таа додаде дека е неверојатно како луѓето создаваат приказни за некого само врз основа на неговиот изглед, иако тие немаат никаква врска со вистината.
Мајката на Норт објасни и дека нејзината ќерка уште од најрана возраст покажувала интерес за необични модни додатоци. Ким раскажа дека уште додека ја носела во градинка, Норт сакала пирсинзи на носот и на веѓите, па носела и лажни пирсинзи.
Норт нагласи дека нејзиниот стил нема никаква врска со разводот на нејзините родители.
„Затоа не мора да се прашувате од каде ми е таквиот стил и дали е поради разводот. Не е, кралици“, порача таа.
Ким Кардашијан и Канје Вест официјално се разведоа во 2022 година. Освен Норт, тие имаат уште три деца: синовите Сент и Псалм и ќерката Чикаго.
Во текот на изминатата година, изгледот на Норт повеќепати предизвика расправи на социјалните мрежи. Особено внимание привлекоа пирсинзите на бутовите, рацете и вратот, сината коса и привремените тетоважи.
Во интервју за списанието „Дејзд“ во август, Норт зборуваше и за важноста што ја имаат облеката, фризурата и шминката во изразувањето на нејзината личност.
„Сите се опседнати со момчиња, вејпови и секакви лоши работи. Јас само сакам сина коса и пирсинзи“, изјави таа.
На прашањето зошто толку ги сака пирсинзите, Норт одговори дека тие ѝ помагаат на една личност да биде тоа што е. Сепак, призна дека родителите не ѝ дозволуваат да ги направи сите промени што ги посакува. Меѓу нив е и пирсинг меѓу очите, на коренот на носот.