Љубителите на музиката на Мајкл Џексон добиваат можност одблизу да погледнат дел од неговите најпознати сценски костими и модни додатоци, кои оставија белег во музичката историја. Меѓу изложените предмети во Њујорк се култната црвена кожна јакна од спотот „Thriller“ и костимот од „Smooth Criminal“, кои ќе бидат понудени на аукција на 7 декември во Абу Даби.
Особено внимание привлекува кремавиот костим што Џексон го носеше во спотот „Smooth Criminal“ од 1988 година. Во колекцијата е и потпишаната црвено-црна јакна од „Thriller“, како и две јакни од турнејата „Bad“, одржана во периодот од 1987 до 1989 година. Едната е потпишана и украсена со токи, а другата има натпис „Special Officer“ и кожни ремени.
Меѓу предметите се и две бели ракавици со светкави детали. Едната потекнува од легендарниот настап на „Motown 25“ во 1983 година, кога Џексон за првпат пред телевизиската публика го изведе својот препознатлив „месечев од“, додека другата ја носел за време на турнејата „Victory“ во 1984 година.
На аукцијата ќе бидат понудени и сценски чевли што пејачот ги носел во текот на 1990-тите, како и ремен изработен од сребро и 18-каратно бело злато, кој го носел на доделувањето на музичките награди „American Music Awards“ во 1989 година.
Предметите се дел од аукцијата „Мајкл Џексон: Модното наследство“, организирана од аукциската куќа „Џулиенс“. Оттаму велат дека станува збор за најголемата досега понудена колекција на сценски костими, модни додатоци и облека од музичките спотови на пејачот. На продажба ќе бидат понудени повеќе од 100 предмети, а настанот ќе се одржи во хотелот „Роузвуд“ во Абу Даби.
Најголемо внимание се очекува да привлече јакната од „Thriller“, чиј дизајн го изработила костимографката Дебора Надулман Лендис. Аукциската куќа сè уште не објавила проценка за нејзината вредност. Во 2011 година, истата куќа продала јакна од истиот спот за 1,8 милиони долари.
Белата ракавица од настапот на „Motown 25“ е проценета на 600.000 до 800.000 долари. Во 2009 година таа била продадена за 430.000 долари. Потпишаната јакна од турнејата „Bad“, која Џексон ѝ ја подарил на фондацијата „Т. Џ. Мартел“, има проценета вредност од 60.000 до 80.000 долари.
„Јакната од ’Thriller‘ е онаа за која светот никогаш не престана да зборува“, изјави коосновачот на аукциската куќа „Џулиенс“, Мартин Нолан, при најавувањето на продажбата во октомври.
Покрај предметите на Мајкл Џексон, на аукцијата ќе бидат понудени и лични предмети и фустани на принцезата Дијана, меѓу кои и кошула од „Ралф Лорен“ што ја носела при посетата на Босна и Херцеговина во 1997 година. Дел од понудата ќе бидат и предмети поврзани со Курт Кобејн, Брус Ли, Мадона и Ејми Вајнхаус.