Грешка во софтверско ажурирање објавено во јули предизвикала голем прекин во работата на услугите на Мајкрософт, при што во еден момент не функционирале дури 80 отсто од серверите. Компанијата ги објави првите официјални детали за причините што довеле до колапсот минатата недела.
Чарлс Ламана, еден од раководителите во Мајкрософт, преку објава на социјалната мрежа Икс го сподели соопштението на компанијата, во кое повторно им се извинува на корисниците за прекинот.
Според објаснувањето, проблемот потекнува од софтверска надградба објавена во јули, во која се наоѓала грешка што под одредени услови предизвикува преоптоварување на серверите и нивно престанување со работа.
Грешката не била веднаш откриена, бидејќи Мајкрософт ги тестира ажурирањата на постар хардвер за да го процени нивното влијание. Сите услови потребни за нејзино активирање се исполниле околу 15 часа пред прекинот, на сервер поврзан со апликацијата „Мајкрософт тимс“.
Поради претходни проблеми, 14 отсто од мрежниот капацитет на примарниот мрежен премин, преку кој се пренасочувал сообраќајот кон „Ексчејнџ онлајн“, веќе биле исклучени. Дополнителниот сообраќај го активирал проблемот, по што серверот престанал да работи.
Обидите за пренасочување на сообраќајот кон други сервери предизвикале нивно преоптоварување и нови прекини, создавајќи домино-ефект. Во еден момент, околу 80 отсто од серверите биле надвор од функција.
Секојпат кога некој сервер повторно ќе проработел, големиот сообраќај повторно го преоптоварувал. Проблемот бил решен откако инженерите ја откриле грешката во ажурирањето и подготвиле нова софтверска закрпа, по што услугите повторно почнале да функционираат нормално.