Македонската група „Лилит“ го објави деби албумот „Чудо“. Албумот кој има 12 песни, меѓу кои и четири претходно објавени синглови, „Чудо“, „Миризлива градина“, „Хоризонт“ и „Одговор“, може да се најде и онлајн.
Првиот сингл од „Чудо“, групата го промовираше во 2019 година, па членовите на бендот велат дека нивниот албум е резултат на тригодишна напорна работа. Пред да го издаде албумот, „Лилит“ одржа и виртуелен концерт, на кој ги промовираше песните.
„’Чудо’ е дете на искрена, бескомпромисна љубов кон музиката. Без желба да се идентифицираме со било кој музички жанр, бидејќи секоја идентификација е рамка, граница. Овој албум ги дава контурите на еден слободен ентитет кој стои зад името ‘Лилит’. Тоа се луѓе од различни планети кои Лилит ги транспортира на Земјата, и само тука имаат смисол и логика“, велат од бендот.
Во „Лилит“ членуваат вокалот Емилија Колоска, Трајко Симоновски на бас гитара, Иван Петровски на гитара, Филип Димишковски на клавијатури и Мартин Вучиќ на тапани.
Како гости соработници на албумот се појавуваат Сашко Николовски Сале, Дамир Имери, Иван Иванов, Игор Атанасовски Харе, Зоран Костадиновски, Дарко Илиевски, Јадранка Кристов, Петрит Сарачини и Стефанија Георгиева.
Извор: Репортер.мк