Изразот „mogging“, популарен меѓу припадниците на генерациите З и Алфа, е прогласен за збор на годината од издавачката куќа „Колинс“. Станува збор за сленг што означува надминување или засенување на некого, најчесто во однос на изгледот, успехот или личниот впечаток.
Според податоците на „Колинс“, употребата на зборот во текот на годинава пораснала за дури 210 проценти. Изборот го прави тим од лексикографи, кои ја следат зачестеноста на зборовите и промените во јазикот.
Извршниот директор на издавачката куќа, Алекс Бикрофт, оцени дека овој избор покажува како помладите генерации усвојуваат постојни изрази и им даваат ново значење, претворајќи ги во дел од секојдневниот сленг.
Иако денес најчесто се користи во шеговит или задевачки контекст, зборот има и помрачна историја. Неговото потекло се поврзува со кратенката AMOG, од англискиот израз „Alpha Male of the Group“, односно алфа-мажјак во групата. Терминот се користел на бодибилдерски форуми и во таканаречената „маносфера“ – мрежа од интернет-заедници во кои се промовираат агресивна машкост и ставови против феминизмот.
Денес „mogging“ најчесто се употребува за да се опише ситуација во која некој со својот изглед, став или однесување ги засенува другите. На пример, кога за некого ќе се каже дека ги „могува“ сите на забава, тоа значи дека особено се истакнува во споредба со присутните.
Зборот може да се користи и како додаток во други изрази, како „stylemogging“, „carmogging“ и „lifemogging“, кои опишуваат надминување на другите во стилот, изборот на автомобил или начинот на живот.
Во изборот за збор на годината „mogging“ ги победи и изразите „Manchesterism“, „carspreading“ и „hydration break“. Меѓу другите кандидати беа и „ghost jobs“, што означува огласи за работни места за кои работодавачите всушност не планираат да вработат нови лица, „bixie“ – фризура меѓу боб и пикси, како и „P(doom)“, проценка на веројатноста дека вештачката интелигенција би можела да доведе до пропаст на човечката цивилизација.