Со доаѓањето на студените денови, многумина ја поставуваат климата на 26 или 28 степени, верувајќи дека така домот ќе се загрее побрзо. Но, ваквата навика може да доведе до непотребно поголема потрошувачка на електрична енергија, а прегреаниот и сув воздух може да предизвика сува кожа и главоболка.
Според препораките на стручњаците за енергетска ефикасност, идеалната температура во дневната соба е од 20 до 22 степени, додека во спалната соба се препорачуваат од 18 до 19 степени. Секој дополнителен степен, според проценките, ја зголемува потрошувачката за околу шест проценти.
Една од најчестите грешки е поставувањето на климата на највисока температура со цел просторот побрзо да се загрее. Тоа не значи дека уредот ќе грее побрзо, туку дека подолго ќе работи со поголема моќност.
Не се препорачува ниту постојано исклучување и повторно вклучување на инверторската клима. Таа троши помалку кога работи рамномерно, па при кратки прекини подобро е само да ја намалите температурата.
Важна е и насоката на крилцата. Бидејќи топлиот воздух природно се крева, при греење треба да бидат насочени надолу. Филтрите треба да се чистат на секои две до четири недели во текот на грејната сезона, а пред уредот не треба да има мебел или завеси што го попречуваат струењето на воздухот.
За домот да остане потопол, се препорачува да ги затворате вратите на просториите што не ги користите, навечер да ги спуштате завесите и да проветрувате кратко, но со широко отворени прозорци. Така воздухот ќе се освежи за неколку минути, без ѕидовите значително да се изладат.
Намалувањето на температурата за само еден степен можеби нема ни да го почувствувате, но разликата во потрошувачката на електрична енергија може да се забележи на сметката.