Авиокомпанијата „Емирати“ од Обединетите Арапски Емирати е прогласена за најдобар авиопревозник во светот на првата ваква листа на американското списание „Тајм“. На второто место се најде „Катар ервејс“, а меѓу петте најдобро рангирани се и „Ер Њу Зиланд“, „Сингапур ерлајнс“ и „Катај пасифик ервејс“.
Шестата позиција ѝ припадна на „Делта ерлајнс“, седмата на „Саут африкан ервејс“, а осмата на „Чајна саутерн ерлајнс“. Меѓу првите десет се и „Ер Чајна“ и „Ер Америка“.
Интересно е што ниту една европска авиокомпанија не успеала да се пласира меѓу првите десет. Најдобро рангиран европски превозник е „Туркиш ерлајнс“, на 14. место. По него следуваат фински „Финер“ на 15. позиција, полскиот „ЛОТ полиш ерлајнс“ на 16. и „Бритиш ервејс“ на 17. место.
Најголемата европска авиокомпанија, „Рајанер“, ја добила титулата за најсигурен превозник, додека „Вирџин атлантик“ е издвоена по најдоброто искуство на долги летови.
Рангирањето е направено врз основа на анкети меѓу патници, кои оценувале најмногу пет авиокомпании со кои летале во последните три години. Прашањата се однесувале на удобноста во кабината, квалитетот на услугата, забавните содржини, односот меѓу цената и квалитетот, како и понудата на храна и пијалаци. Податоците ги собрала истражувачката компанија „Статиста“.
„Тајм“ и „Статиста“ изработиле и листа на најдобрите аеродроми во светот. Првото место му припаднало на аеродромот Чанги во Сингапур, второто на меѓународниот аеродром Гуангжу Бајун во Кина, а третото на аеродромот Пекинг Дасинг.