Големиот интерес за новиот електричен автомобил Volkswagen ID. Polo создаде проблеми во производството, поради што компанијата привремено престана да прима нарачки во Холандија. Речиси 60.000 резервации се евидентирани во Европа, а испораките за новите холандски купувачи се очекуваат најрано во 2028 година.
До крајот на септември Volkswagen имал 53.000 нарачки, а според шпанскиот портал „Motor.es“, бројката сега е близу 60.000. Во Германија, времето на чекање зависи од изведбата: за основниот модел Trend може да достигне 21 месец, додека за Sportline е околу пет, а за GTI околу седум месеци.
ID. Polo се произведува во фабриката на Seat во шпанскиот град Марторељ, на истата производна лента како и Cupra Raval, за кој до крајот на септември биле примени повеќе од 51.000 нарачки. Volkswagen веќе разгледува можности за зголемување на производството.
Според холандскиот „AutoWeek“, за испорака на веќе нарачаните автомобили во Холандија ќе биде потребно време до крајот на 2027 година. Дури и ако нарачките повторно почнат да се примаат во текот на 2027 година, новите купувачи ќе ги добијат автомобилите најрано во 2028 година. Во Белгија, моделот сè уште може да се нарача, со предвидена испорака во јуни 2027 година.
Причина за долгото чекање на основната изведба Trend, која во Германија чини 24.995 евра, е и тоа што фабриката им дава предност на подобро опремените модели, кои носат поголема заработка.
ID. Polo веќе доби неколку признанија во Германија. Го освои „Златниот волан“ за 2026 година во категоријата автомобили до 25.000 евра, беше прогласен за германски автомобил на годината за 2027 година, а читателите на списанието „Auto Motor und Sport“ му ја доделија наградата „Autonis“ за најдобар дизајн во категоријата мали автомобили.