Познатиот фризер, стилист и инфлуенсер Октај Сејди не го помина тестирањето во емисијата „Полиграф“, откако на крајот од гостувањето му беше соопштено дека полиграфот оспорил шест негови одговори. Меѓу прашањата на кои биле регистрирани спорни реакции се оние за неговото пријателство со Нина, учеството на изборот за мистер, но и за приватниот и интимниот живот.
Една од најинтересните теми беше прекинот на неговото долгогодишно пријателство со Нина, со која претходно често се појавуваше во јавноста.На пра
шањето дали се скарале за време на заедничкиот престој во Дубаи, Сејди потврди дека токму таму одлучиле повеќе да не се дружат.
„А да, во Дубаи решивме повеќе да не се дружиме. Немаме некои лоши односи, немаме лоши спомени, напротив имаме многу убави спомени и јас ја ценам и продолжувам исто да ја ценам“, изјави тој.
Сепак, на прашањето дали Нина му била вистински пријател, Сејди даде одговор кој може да предизвика внимание.
„Можам да кажам дека повеќе јас сум бил вистински пријател отколку што она“, рече Сејди.
Тој негираше дека единствено тој бил причината за нивното оддалечување, објаснувајќи дека одлуката била донесена по заеднички разговор. Но, токму овој одговор беше меѓу оние што полиграфот ги оспори.
„Би сакал да ја кажам причината тука па да види и полиграф да види дека не е во право. Ама ја не би сакал тоа да го направам затоа што нема смисла“, реагираше Сејди.
Дел од тестирањето беше посветен и на неговото учество на изборот за „Мистер интернешнал“, каде што ја претставуваше Македонија.
Сејди тврдеше дека не платил за учество и дека не знае дали воопшто постои можност за такво нешто. Кога беше соочен со резултатот од полиграфот, повтори дека лично не платил.
„Па тоа го кажав не зашо не знам зашто ја тоа не го направив и не знам. Стварно не знам“, рече тој.
Полиграфот го оспори и неговиот одговор дека учеството на изборот било исклучиво за македонскиот народ, а не за лична корист.
„Тоа го направив за нас сите“, инсистираше Сејди, а потоа со насмевка побара објаснување зошто апаратот не се согласува со него.
Особено внимание привлекоа и прашањата за неговиот љубовен живот. Сејди изјави дека не знае дали некогаш бил изневерен и негираше дека имал интимен однос со личност чие откривање би предизвикало скандал.
И двата одговора беа меѓу оспорените при соопштувањето на резултатите.
„Нема стварно нема. Нема не. Јас сум сигурен во тоа дека нема“, реагираше Сејди на прашањето за интимниот однос.
Во емисијата беше отворена и темата за неговиот фризерски салон, за кој, според поставеното прашање, во јавноста кружеле гласини дека му бил подарен.
„Никако. Тој салон е земен, купен со многу труд“, одговори Сејди, нагласувајќи дека сè што поседува го стекнал со сопствена работа.
И покрај соопштените резултати, Сејди остана на своите тврдења и порача дека јавноста не треба да носи заклучоци за луѓето врз основа на гласини и коментари на социјалните мрежи.
На крајот од емисијата му беше соопштено дека не го поминал тестот поради шест оспорени одговори. Сепак, полиграфските реакции сами по себе не претставуваат сигурен доказ дека некој излажал, а Сејди негираше дека дал невистинити одговори.