Десет дестинации низ светот бележат значителен пораст на интересот кај туристите и би можеле да станат големи туристички хитови во 2027 година. Според извештајот „Travel Trends 2027“ на компанијата „Скајскенер“, листата опфаќа азиски метрополи, африкански острови и европски градови.
Истражувањето го анализирало годишниот раст на пребарувањата за патувања, а најголем скок е забележан кај главниот град на Киргистан, Бишкек, каде интересот пораснал за дури 501 отсто. Популарноста можеби е поврзана и со неговото појавување во телевизиската емисија „Race Across the World“. Градот нуди советска архитектура, пространи паркови и поглед кон планинскиот венец Тјан Шан.
На второто место е египетската Хургада, со раст на интересот од 186 отсто, а на третото шведскиот Малме, каде пребарувањата се зголемиле за 103 отсто. Следуваат италијанскиот град Трапани на Сицилија со 95 отсто и грчкиот остров Самос со 75 отсто.
Во првата десетка се најде и кинескиот Чонгкинг, со раст од 70 отсто, познат по футуристичката архитектура и огромните мостови. Виетнамскиот Да Нанг бележи зголемување од 68 отсто, додека интересот за островот Сал на Зеленортските Острови пораснал за 67 отсто.
Листата ја дополнуваат финскиот Китиле, во Лапонија, со раст од 65 отсто, и главниот град на Гватемала, Гватемала Сити, со 63 отсто.
Директорот на „Скајскенер“, Брајан Батиста, оценува дека туристите сè повнимателно ги избираат дестинациите и начинот на кој ги трошат времето и парите, барајќи искуства што им нудат поголема вредност.