Прекин во работата на инфраструктурата на Google Cloud во Западна Европа предизвика проблеми со бројни онлајн услуги во Велика Британија и други земји. Меѓу засегнатите се банкарските апликации Revolut, Lloyds Bank и HSBC, трговскиот синџир Screwfix и доставната служба DPD.
Милиони корисници на Revolut не можеле да пристапат до своите сметки или да плаќаат со картички. Платформата за дигитално банкарство, која има повеќе од 80 милиони корисници во светот, од кои 13 милиони во Велика Британија, потврди дека дел од услугите се недостапни поради прекинот во работата на системот.
Од Google Cloud потврдија дека проблемот зафатил повеќе услуги во нивните центри во Западна Европа, а дефектот е поврзан со инфраструктурата во Лондон.
„Имаме проблем со повеќе услуги во регионот europe-west2, кој започна во понеделникот. Нашиот инженерски тим сè уште ја истражува причината. Им се извинуваме на сите погодени од овој прекин“, соопштија од компанијата.
Од Google наведоа дека нивните тимови работат на целосно обновување на услугите, но предупредија дека корисниците сè уште може да имаат проблеми со поврзувањето и доцнења. Потешкотии се можни и при најавувањето на услугата Google Security Operations.
Компанијата потврди дека во моментот на инцидентот немало достапно алтернативно решение и дека точната причина за дефектот сè уште се истражува.