Над 5.000 патници кои очекувале сонце и плажи на Бахамите, наместо тоа завршиле во студената Нова Шкотска, откако крузерот ја променил рутата поради лошите временски услови.
Патниците на 18 октомври се качиле на крузерот „Оејзис оф д сис“ (Oasis of the Seas) на компанијата „Ројал Карибијан“ во Њу Џерси, очекувајќи седумдневно патување до Флорида и Бахамите, пренесува „Глобал њуз“.
Сепак, поради најавеното невреме долж источниот брег на Соединетите Американски Држави, компанијата го променила планот за пловење и го насочила бродот кон север, до Халифакс во канадската провинција Нова Шкотска.
Бродот се задржал во Халифакс околу 24 часа, што им овозможило на патниците да го разгледаат градот, да пазаруваат и да се возат низ пристаништето.
Крузерот во средата вечерта го продолжил патувањето, а се очекува во недела да се врати во Њу Џерси, по три дена поминати на море.
Компанијата ја соопштила промената на рутата вечерта пред поаѓањето, оставајќи им на патниците малку време да се подготват за значително постудено време.
Дневните температури во Халифакс оваа недела се движеле од околу 7 до 12 степени Целзиусови, додека ноќе се спуштале до околу нула степени.
За некои патници, неочекуваната дестинација била можност да запознаат град што не планирале да го посетат. Сепак, не сите биле задоволни од промената на патувањето.
Патниците добиле ваучер во вредност од 50 проценти од цената на патувањето, како и поврат на средствата за екскурзиите на копно.
Од компанијата „Ројал Карибијан“ наведуваат на својата интернет-страница дека временските услови и други околности може да доведат до промена или замена на пристаништата предвидени во маршрутата.