Connect with us

#КИНО

Почна да се снима „Кајмак“ на Манчевски


Денеска, во хотел Лимак, во Скопје, почна да се снима „Кајмак“, седмиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски.

Филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче…

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.

„Кајмак“ е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од Македонија (од Агенцијата за филм на Северна Македонија). Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Кајмак доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е огромна потврда за вредноста на проектот. Во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и Србија.

Во текот на снимањето се очекува во Скопје да пристигнат и копродуцентите на филмот од Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија.

Режисерот Милчо Манчевски изјави: „Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот.“

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „Сè е тоа за љубов “ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев.

Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка Марио Микисанти.

Главни партнери на филмот се Алкалоид, и НЛБ Банка и Виза, а партнери на филмот се Окта, Тиквеш, Витаминка и Лимак. Филмот е помогнат од бројни домашни и странски поединци и компании.

#КИНО

Замина француската легенда: почина Жан Пол Белмондо

Легендарниот француски глумец со светска слава, Жал Пол Белмондо, почина во 88-та година од животот.

Веста за AFP ја потврди неговиот адвокат.

Актерот починал во неговиот дом во Париз. „Беше многу слаб во последно време. Замина тивко.“ – ја пренесува изјавата на Мишел Годест „Франс Прес“.

Жан Пол Белмондо беше миленик на филмската публика, а особено беше обожуван од понежниот пол. Глумеше во над осумдесет филмови, остварувајќи извонредни улоги. Беше познат и по тоа што каскадерските улоги ги снимаше сам.

Славата ја достигна со култниот филм на режисерот Жан Лук Годард „До последен здив“, во кој глумеше млад бунтовник. Меѓу најзначајните негови филмски остварувања се „Борсалино“. „Маргиналец“, „Гори ли Париз“, „Човекот од Рио“ и „Човекот од „Хонг Конг“ и филмската класика „Професионалец“.

Continue Reading

#КИНО

ОСКАРИ на Сител на 26-ти февруари, 14 номинации за „Ла Ла Ленд“


Американската Академија за филмски уметности и наука денеска ги соопшти номинациите за наградата Оскар во 24 категории. Мјузиклот „Ла Ла Ленд“ освои рекордни 14 номинации, меѓу кои за најдобар филм, режија (Дамиен Чазел), најдобар актер и актерка (Рајан Гослинг и Ема Стоун), со што се изедначи со филмовите „Титаник“ и „Се за Ева“ по број на номинации. 14 години откако „Чикаго“ освои Оскар за најдобар филм, повторно мјузикл е фаворит за главната награда.

По 8 номинации имаат филмовите „Месечева светлина“ и „Пристигнување“. Покрај овие две остварувања и „Ла Ла Ленд“ , за најдобар филм номинирани се и: „Огради“, „Лав“, „По секоја цена“, „Скриени фигури“, „Манчестер на море“ и „Гребенот на спасените“, кој му донесе номинација за режија на Мел Гибсон, што беше вистинско изненадување.

Оскаровката Мерил Стрип ја освои нејзината дваесетта номинација за улогата во „Флоренс Фостер Џенкинс“, со што постави нов рекорд за актерски номинации. За најдобра актерка номинирани се и Ема Стоун, Натали Портман за „Џеки“, Рут Нега за „Сакана“ и Изабел Ипер за „Таа“.

За најдобар актер номинирани се: Рајан Гослинг, Кејси Афлек за „Манчестер на море“, Виго Мортенсен за „Капетан Фантастик“, Дензел Вашингтон за „Огради“ и Ендру Гарфилд за „Гребенот на спасените“.

Изненадување беше што изостанаа номинации за Хју Грант, Том Хенкс и Ејми Адамс.

За најдобар филм од неанглиско говорно подрачје номинирани се: данскиот „Земја на мини“, иранскиот „Продавач“, шведскиот „Човекот наречен Ове“, австралискиот „Тана“ и германскиот „Тони Ердман“.

ТВ Сител ексклузивно ќе го пренесува 89-то доделување на филмските награди Оскар в недела,  26-ти  февруари. 



Continue Reading

#КИНО

„Зелена книга“ најдобар филм на Оскарите


Американската филмска академија ги додели најпрестижните  награди во светската филмска индустрија Оскар.

„Зелена книга“ е прогласен за најдобар филм. Филмот на Питер Фарели се базира на вистинска приказна за расизмот. 

Рами Малек и Оливија Колман се најдобри главни актери додека со Оскар за режија е награден Алфонсо Куарон за филмот Рома.

91. издание на Оскарите се одржа во Долби театарот во Лос Анџелес.

 



Continue Reading
Advertisement

Инста

Facebook

Facebook

Трендинг

Copyright © Mediaset.mk / 2020

error: