Продажбата на слатки за празникот Ноќта на вештерките годинава започна забавено, додека потрошувачите во Соединетите Американски Држави се соочуваат со високи трошоци за живот и вртоглав раст на цените на чоколадото, пишува АП.
Според податоците на компанијата за истражување на пазарот „НилсенАјКју“ (NielsenIQ), продажбата на слатки за Ноќта на вештерките опаднала за 6,7 проценти во периодот што завршил на 17 октомври, во споредба со истиот период минатата година.
Исто така, во средината на септември бил забележан пад на продажбата на слатки од 11,7 проценти, со што биле поништени добивките остварени во претсезонскиот период во претходните две години, пренесува АП.
Потпретседателот и експерт за прехранбениот сектор во компанијата „НилсенАјКју“, Крис Костали, изјавил дека високите цени на горивата дополнително ја зголемиле загриженоста на Американците за нивната куповна моќ, што ја намалува побарувачката за слатки за Ноќта на вештерките.
Просечната цена на галон обичен бензин во САД до петокот изнесувала 4,29 долари, што претставува раст од речиси 40 проценти во споредба со претходната година.
„Сметам дека станува збор за потрошувачи кои сега издвојуваат значително повеќе пари за гориво, домување, облека и храна“, изјавил Костали.
Според него, до средината на октомври раст на продажбата бележеле единствено помалите пакувања слатки, додека најголем пад бил забележан кај големите пакувања.
Според владините податоци, цените на слатките и гумите за џвакање во септември биле за 44 проценти повисоки во споредба со периодот пред пет години. Во истиот период, цените на сите прехранбени производи наменети за консумирање дома пораснале за 22,5 проценти.
Оваа недела, дисконтниот синџир маркети „Алди“ рекламирал пакување од 135 чоколатца на компанијата „Марс“ по цена од 19,87 долари. Тоа е речиси иста цена што потрошувачите ја плаќале за пакување од 250 чоколатца пред пет години.
Како главна причина за намаленото купување се наведуваат цените на какаото, кои според податоците на Бирото за статистика на трудот на САД во јануари 2025 година достигнале рекордни 10.710 долари за метрички тон.
Причина за рекордните цени биле лошите временски услови во Западна Африка, регион од кој потекнуваат околу 70 проценти од светското производство на какао.
Потоа цените постојано опаѓале, достигнувајќи 3.241 долар за метрички тон во март, но во пролетта повторно почнале да растат, бидејќи војната во која е вклучен Иран ги нарушила испораките на ѓубрива во Африка.
Се очекува и временскиот феномен Ел Нињо негативно да влијае врз производството, со оглед на тоа што до крајот на февруари се прогнозираат топли и сушни услови.
Сепак, Националното здружение на производители на кондиторски производи соопштило дека останува оптимистично во однос на продажбата за празникот Ноќта на вештерките.
„Токму влегуваме во периодот на најголема побарувачка пред Ноќта на вештерките, а ентузијазмот на потрошувачите останува исклучително силен“, се наведува во најновото соопштение на организацијата.