Светската слава им овозможува на познатите личности да патуваат низ светот и да посетуваат ексклузивни места, но некои од нив сепак се соочиле со забрани за влез во одредени држави. Причините се различни – од политички ставови и јавни настапи до контроверзно однесување и судски пресуди.
Меѓу нив е раперот Канје Вест, кому му беше забранет влез во Обединетото Кралство, поради што беше откажан фестивалот „Вајрлес“, на кој требаше да настапи во јули 2026 година. Британските власти ја одбиле неговата апликација за патување, оценувајќи дека неговото присуство не би било во интерес на јавноста.
Актерот Бред Пит во минатото не можел да влезе во Кина поради филмот „Седум години во Тибет“ од 1997 година, во кој позитивно е прикажан далај-ламата, а негативно кинеските воени претставници. Во земјата повторно се појавил во 2016 година.
Пејачката Лејди Гага во 2012 година не добила дозвола за настап во Индонезија, иако концертот бил распродаден. Исламистичката организација „Фронт на бранителите на исламот“ ја обвинила дека ги нарушува моралните вредности.
Џастин Бибер, според наводите на магазинот „Тајм“, наводно нападнал фотограф во Аргентина и не го почитувал државното знаме за време на концерт во 2013 година. Подоцна му бил одбиен влез при обидот да организира нова турнеја во земјата. Тој се соочил и со забрана за влез во Кина, каде што бил оценет како изведувач со несоодветно однесување.
Кејти Пери добила неодредена забрана за влез во Кина откако тамошните власти откриле фотографии на кои носи фустан со сончогледи за време на настап во Тајван. Сончогледот бил симбол на протестното движење против Кина, поради што кинеските власти го протолкувале нејзиниот избор како политичка порака.
Легендарната група „Битлси“ во 1966 година добила забрана за влез на Филипините откако одбила покана за појадок од сопругата на тогашниот претседател.
Марта Стјуарт во 2008 година не можела да влезе во Обединетото Кралство поради нејзините кривични пресуди во САД.
Бијонсе, пак, се соочила со забрана за настап во Малезија поради нејзините сценски настапи, оценети како премногу провокативни. Во 2007 година го откажала концертот поради правилата за облекување, според кои изведувачките морале да ги покриваат рамената и колената, без откриено деколте.
И рок-групата „Бон Џови“ се нашла на списокот на непожелни изведувачи во Кина. Во 2015 година на групата ѝ бил забранет влез поради употреба на фотографија од далај-ламата за време на концерт во Тајван.