Мајчината компанија на „Гугл“, „Алфабет“, забележа најголем еднодневен пад на акциите во својата историја откако нивната вредност во четвртокот се намали за речиси 13 проценти. Со тоа од пазарната вредност на компанијата беа избришани околу 500 милијарди долари, а падот се одрази и врз американските берзи, особено врз технолошкиот индекс „Насдак“, објави „Волстрит журнал“.
Главната причина за загриженоста на инвеститорите се послабите деловни резултати од очекуваните и сè поголемите трошоци за развој на вештачката интелигенција. Проблемот за „Гугл“ е што технологијата во која вложува милијарди долари истовремено го загрозува неговиот најважен извор на приходи – интернет-рекламирањето.
Секторот „Гугл сервисис“, кој ги опфаќа пребарувачот, Јутјуб и претплатничките услуги, во третиот квартал остварил приходи од 96,3 милијарди долари, додека аналитичарите очекувале 98,5 милијарди долари.
Дополнително, забавува и растот на приходите од пребарувачот. По растот од 19 проценти во првиот квартал и 17 проценти во вториот, во третиот квартал тој изнесувал 12 проценти.
Развојот на вештачката интелигенција го менува начинот на интернет-пребарување. Наместо листа со линкови, корисниците сè почесто добиваат директни одговори генерирани со вештачка интелигенција, што ја намалува потребата да кликнуваат на спонзорираните огласи преку кои „Гугл“ остварува значителен дел од приходите.
Директорот за деловно работење на компанијата, Филип Шиндлер, признал дека пребарувањата со вештачка интелигенција засега носат помала заработка во споредба со традиционалното пребарување, иако вкупниот број пребарувања расте со најбрзо темпо во последните пет години.
Како одговор, „Гугл“ постепено воведува реклами во својот режим за пребарување со вештачка интелигенција и ја проширува нивната достапност во светот.
Дополнителен товар се и високите трошоци за развој на нови модели на вештачка интелигенција и изградба на центри за податоци. Компанијата пријавила повисоки оперативни трошоци од очекуваните, како и негативен слободен паричен тек.
Притисокот врз „Гугл“ расте и поради конкуренцијата од „ОпенАИ“, компанијата што стои зад ChatGPT. Таа во февруари започна со тестирање реклами меѓу корисниците на ChatGPT во САД, а во текот на летото објави дека е на пат да достигне годишни приходи од рекламирање од една милијарда долари.
„ОпенАИ“ неодамна соопшти дека повеќе од 100.000 огласувачи веќе започнале кампањи на ChatGPT, а рекламите се достапни во 89 земји.
Сепак, аналитичарите оценуваат дека „ОпенАИ“ засега не презема значителен дел од рекламните приходи на „Гугл“, бидејќи повеќето компании сè уште го испитуваат новиот начин на рекламирање, без поголемо намалување на буџетите наменети за пребарувачот.
Според аналитичарите на „Њустрит рисрч“, довербата на инвеститорите ќе остане под притисок сè додека „Гугл“ не покаже дека може да ја зачува профитабилноста на пребарувачот и истовремено да ги зголеми приходите од вештачката интелигенција. Процесот на враќање на довербата, според нивните процени, би можел да потрае до првата половина на 2027 година.