Шпанскиот град Сарагоса е избран за европска зелена престолнина за 2028 година, признание што Европската Унија им го доделува на градовите со значајни чекори за заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот. За оваа титула градот ќе добие и 600.000 евра за нови проекти за одржлив развој.
Одлуката беше објавена на свеченост во португалскиот град Гимараеш. Сарагоса ја добила наградата поради долгорочната посветеност на еколошките политики, особено во областите на урбаната биолошка разновидност, одржливото користење на земјиштето и зачувувањето на зелените површини.
Стручната комисија ги оценувала кандидатите според повеќе критериуми, меѓу кои квалитетот на воздухот и водата, управувањето со отпадот и бучавата, заштитата на зелените површини, подготвеноста за екстремни горештини и поплави, како и мерките за намалување на штетните емисии.
Во конкуренција за титулата за 2028 година биле и данскиот Олборг, полскиот Бјелско-Бјала, словачките Кошице и португалскиот Порто.
Покрај главната награда, Европската Унија доделува признание „Зелен лист“ и на помали градови со 20.000 до 100.000 жители. Оваа година наградата ја добиле шпанските градови Бенидорм и Чиклана де ла Фронтера, кои ќе добијат по 200.000 евра. Бенидорм бил пофален за справувањето со притисокот од масовниот туризам, паралелно со заштитата на животната средина.