Американската раперка Карди Би привлече големо внимание со својот изглед на годинашната хуманитарна вечер на организацијата „Бејби ту бејби“ во Лос Анџелес. Таа се појави во кремав фустан на дизајнерката Тамара Ралф, но најмногу коментари предизвика огромниот бел украс од пердуви на главата, кој речиси целосно ѝ го покриваше лицето.
Настанот се одржа во саботата во Пацифик дизајн центарот во Западен Холивуд. Карди Би не само што прошета на црвениот тепих, туку и настапи пред присутните. Хуманитарната вечер ја организира организацијата „Бејби ту бејби“, која им помага на децата што живеат во сиромаштија, обезбедувајќи им основни потреби.
Според модното списание „WWD“, раперката носела креација од колекцијата на висока мода на Тамара Ралф за пролетта 2026 година. Нејзиниот изглед речиси целосно одговарал на комбинацијата претставена на модната писта, а единствен додаток биле долгите обетки.
Кремавиот фустан имал длабоко деколте и златен корсет украсен со светкави камчиња. Материјалот паѓал во меки набори од колковите и завршувал со долг шлеп. Карди Би носела и проѕирни бели ракавици до лактите, но најголемо внимание привлекол раскошниот украс од бели пердуви, кој на повеќето фотографии ѝ ги покривал очите.
Модната комбинација предизвика поделени реакции на интернет. Додека едни го пофалија нејзиниот избор, други се шегуваа на социјалните мрежи, а некои корисници ја споредија со „слепа птица“, објави порталот „Фешн тајмс“.