Ново видео на Инстаграм-профилот на српскиот јутјубер Богдан Илиќ, познат како Бака Прасе, повторно го актуелизира случајот што предизвика големо внимание на социјалните мрежи. На профилот е објавена снимка од надзорна камера на која се гледа како маскирани лица, наводно припадници на полициска единица, го изнесуваат јутјуберот од неговиот стан.
Случајот доаѓа по претходните објави дека Илиќ бил приведен од маскирани лица и дека требало да биде задржан 48 часа. Во соопштението објавено од неговиот тим се тврдеше дека информацијата ја добиле од адвокатот на јутјуберот, а беше спомената и наводна поврзаност со случајот „АЛТА банка“ и сомневања за перење пари.
Во меѓувреме, на ТикТок се појавија и видеа за наводна акција за одземање на автомобилите на Илиќ, која, според тврдењата што се шират на социјалните мрежи, исто така била поврзана со сомневања за перење пари.
Сепак, претходните тврдења за приведувањето беа демантирани по проверките на полицијата и Вишото јавно обвинителство во Белград. Од обвинителството тогаш соопштија дека станува збор за лажни информации, а Илиќ во разговор со полицијата објаснил дека ги објавил додека снимал видео за својот канал на Јутјуб.
Поради објавувањето на тие информации, обвинителството најави кривична пријава против него поради сомневање за предизвикување паника и нереди. Новата снимка објавена на Инстаграм засега не потврдува кога е направена, кој ги снима настаните ниту дали станува збор за вистинска полициска интервенција и каква е нејзината поврзаност со претходните случувања.