„Дозволете им на луѓето да видат дека сте убави одвнатре“, „Блескајте“, „Љубовта боли“ и „Ова е песна за сите оние кои не се разбрани“ – со овие пораки шкотската пејачка Емели Санде ѝ се обраќаше на македонската публика за време на синоќешниот концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Триесет и деветгодишната пејачка и кантавторка за првпат настапи пред публиката во Македонија, а секоја песна ја најавуваше со кратка, емотивна порака. Не пропушти да им се заблагодари на присутните за топлиот прием и гостопримството.
Со својот моќен вокал и способноста да ги пренесе емоциите, Санде приреди концерт исполнет со песни за љубовта, болката и себеприфаќањето. Публиката во еден глас ги пееше нејзините најголеми хитови, создавајќи посебна атмосфера во арената.
Својот прв соло-сингл „Heaven“ го објави во 2011 година, а нејзиниот деби-албум десет недели се задржа на врвот на британската топ-листа и стана најпродаван британски албум во 2012 година.
Емели Санде гостуваше на музичкиот фестивал „Скрим“, во организација на „Прагма продукција“.