На социјалната мрежа ТикТок се појавија видеа на кои, според објавите, се гледа како се спроведува акција за одземање на автомобилите на српскиот јутјубер Богдан Илиќ, познат како Бака Прасе. Акцијата, според тврдењата што се шират на социјалните мрежи, е поврзана со сомневања за перење пари.
Случувањата доаѓаат откако претходно на Инстаграм-профилот на Илиќ беше објавено дека тој бил приведен од маскирани лица и дека ќе биде задржан 48 часа. Во објавата, потпишана како „Тимот на Бака Прасе“, се тврдеше дека информацијата ја добил неговиот адвокат, а беше спомената и наводна поврзаност со случајот „Алта банка“ и сомневања за перење пари.
По објавените тврдења, Вишото јавно обвинителство во Белград ѝ наложило на полицијата итно да ги провери информациите за наводното приведување. По проверките, обвинителството и полициските службеници од Полициската станица Савски венац утврдиле дека станува збор за лажни тврдења.
Илиќ во разговорот со полицијата објаснил дека ги објавил информациите затоа што снимал видео што планирал да го објави на својот канал на Јутјуб.
Од обвинителството соопштиле дека против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за борба против високотехнолошки криминал, поради сомневање за предизвикување паника и нереди, бидејќи со објавувањето на лажните информации предизвикал вознемиреност во јавноста.
Новите видеа што се појавија на ТикТок повторно го актуелизираа случајот, но засега содржината на објавите сама по себе не потврдува поради која причина се одземаат автомобилите ниту дали акцијата е поврзана со претходно споменатите сомневања.