Кинескиот електричен хиперавтомобил „Јангванг У9 Екстрим“ достигна брзина од 503,17 километри на час во Абу Даби, со што стана првиот сериски автомобил што ја надминал границата од 500 километри на час.
Со овој резултат производителот „БЈД“ го надмина претходниот рекорд од 496,22 километри на час, поставен со истиот модел во Германија во септември 2025 година.
Рекордното возење се одржа на 1 ноември на патот „Шеик Калифа бин Зајед Интернешнл Роуд“, во областа Ал Дафра во Абу Даби. Зад воланот повторно беше професионалниот возач Марк Басенг.
Само неколку дена претходно, за време на тестирање во Кина, се случила тешка несреќа во која еден примерок од моделот У9 Екстрим се преполовил по удар во заштитната ограда. Задниот дел и оската се одвоиле, но возачот поминал без потешки повреди.
Успехот во Абу Даби му донесе на моделот четири Гинисови светски рекорди, меѓу кои и за најбрз сериски автомобил и најбрз сериски електричен автомобил. Постигнувањето го признала и Меѓународната автомобилска федерација (ФИА).
За надминување на границата од 500 километри на час биле комбинирани четири електромотори, напредна батериска технологија и софистицирани системи за контрола на возилото.
Извршната потпретседателка на „БЈД“, Стела Ли, го пофалила инженерскиот тим, истакнувајќи дека развојот на автомобилот продолжил и по претходниот рекорд. Новото достигнување претставува значаен чекор за амбициите на кинескиот производител во сегментот на електрични хиперавтомобили.