Медиасет.мк logo
Промени тема
Најнова епизода „Претрес“ на Стојна за Куклица и наплатите, а на градоначалникот на К. Паланка за кравите и хаосот Гледај на LANDOV.MK
Технологија

Вработените во „Енвидиа“ застанаа во одбрана на Џенсен Хуанг по неговото повлекување

Медиасет.мк
пред 2 часа
media-libraryansnnge2aqt01UmKYGa

Заминувањето на Џенсен Хуанг од директорската функција во „Енвидиа“ предизвика бројни реакции во технолошката индустрија. И покрај извештаите во медиумите за негови наводни вонбрачни врски, меѓу кои и една со лице што му било подредено, сегашни и поранешни вработени, како и познати имиња од Силициумската долина, јавно му дадоа поддршка.

Хуанг се повлекол во четвртокот, по објавите за повеќе наводни вонбрачни врски. Претходно се најде во центарот на вниманието и поради наводна врска со жена за која американски претставници се сомневаат дека има поврзаност со кинеските разузнавачки служби, пишува Си-Ен-Ен.

Хуанг со години беше едно од најпрепознатливите лица на „Енвидиа“, познат по црната кожна јакна и директниот пристап кон вработените. Компанијата е позната по долгогодишната лојалност на своите работници и малубројните хиерархиски нивоа. Хуанг непосредно раководел со повеќе од 50 луѓе, а вработените можеле да му се обратат во секое време.

По веста за неговото заминување, повеќе вработени се огласија на социјалните мрежи. Едвард Лиу, директор и истражувач кој во компанијата започнал како практикант, напиша дека станува збор за „тажен ден“, опишувајќи го Хуанг како инспиративен лидер кој ги научил проблемите да ги разгледуваат од нивните основи.

Инженерот Феи Пенг беше уште подиректен, оценувајќи дека заминувањето на Хуанг ја убило душата на „Енвидиа“. Дел од вработените сметаат дека одлуката била донесена пребрзо. Истражувачот Гевин Вулери повика најнапред да се утврдат сите факти, нагласувајќи дека секој заслужува правична постапка пред да биде осуден.

Поддршка доби и финансиската директорка Колет Крес, која ја презеде привремената раководна улога. Потпретседателот на одделот за применети истражувања во областа на длабокото учење, Брајан Катанцаро, изрази жалење за заминувањето на Хуанг, но истовремено порача дека целосно ги поддржува управниот одбор и Крес.

Влијанието на Хуанг се протега и надвор од „Енвидиа“. Компанијата често се нарекува „централна банка“ на индустријата за вештачка интелигенција, бидејќи покрај производството на чипови вложува и во бројни технолошки компании.

Таквиот деловен модел предизвика критики поради практиката на таканаречено кружно финансирање, при која „Енвидиа“ вложува во компании што потоа со тие средства ги купуваат нејзините производи, дополнително зголемувајќи ги приходите на производителот на чипови.

Алекс Чима, основач на „Екзолабс“, раскажа дека во јуни му испратил електронска порака на Хуанг со идеја за развој на вештачка интелигенција што би можела да работи на сопствени уреди. Хуанг му одговорил за само седум минути и му овозможил на неговиот тим да работи во седиштето на „Енвидиа“.

Чима ја пофали и поддршката на Хуанг за технологиите со отворен код, изразувајќи надеж дека компанијата ќе продолжи да им дава можност на малите стартап-компании со невообичаени идеи.

Поддршка за Хуанг пристигна и од познати имиња во Силициумската долина, меѓу кои и Илон Маск, негов долгогодишен пријател и деловен партнер. Маск претходно изјави дека би му била чест да го вработи, а во петокот објави дека ќе потпише петиција за негово враќање.

Мартин Касадо, партнер во инвестициската компанија „Андресен Хоровиц“, заминувањето на Хуанг го опиша како „мрачен ден“ и лоша одлука за САД и западниот свет.

И Шон Мегваер од инвестициската компанија „Секвоја капитал“, иако неговите постапки ги оцени како сериозна грешка, предупреди дека заминувањето на Хуанг ќе остави голема празнина. Тој посочи дека „Енвидиа“ губи технички поткован директор и основач, чиј придонес во индустријата бил огромен.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели како слика
Google Постави го Медиасет за твој Google извор

Поврзани содржини

TikTok

Компанијата зад ТикТок подготвува нов ВИ-агент за конкуренција на Цукерберг

Технологија | пред 5 часа

microsoft

Што се случи со „Мајкрософт“ и дали податоците на корисниците се безбедни?

Технологија | пред 8 часа

media-libraryjqsa2fqs9qeq5KFL96Z

Италија ја казни Мета со 805 милиони евра поради пристап до фотографии на корисниците

Технологија | пред 1 ден

media-library43qqcuvmq7345p1dy6I

Мајкрософт го реши големиот дефект по повеќе од 24 часа: Еве што го предизвика прекинот

Технологија | пред 1 ден

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања