Марк Закерберг не смета дека развојот на најнапредните системи за вештачка интелигенција треба да се забави преку колективна пауза. Главниот извршен директор на „Мета“ предлага компаниите самостојно да воведат независни проверки и советување за безбедноста на своите системи.
Закерберг во објава на Икс порача дека независните оценувачи и советници треба да станат стандардна практика за компаниите што развиваат вештачка интелигенција. Според него, не е неопходно технолошките компании прво да постигнат заеднички договор за безбедноста, туку секоја лабораторија може да воспостави сопствени механизми за проверка пред пуштањето на новите модели.
Како пример ја посочи „Мета“, која го одложила пуштањето на својот систем за вештачка интелигенција „Мјуз“ за неколку месеци, со цел дополнително да се работи на неговата безбедност и заштита.
Неговиот став доаѓа во време на сè погласни повици во технолошкиот сектор за забавување на развојот на најнапредните системи поради потенцијалните безбедносни и економски ризици.
Дарио Амодеи, главниот извршен директор на „Антропик“, неодамна предупреди дека брзиот напредок на технологијата носи сериозни ризици и повика развојот на најнапредните системи да биде забавен, за истражувачите подобро да ги разберат можните последици. Неговиот став го поддржаа и Сем Алтман од „Опен еј-ај“ и Илон Маск од „Спејс екс“.
Во меѓувреме, „Опен еј-ај“, „Антропик“ и „Дипмајнд“ на „Гугл“ соработуваат на прашањата поврзани со безбедноста на вештачката интелигенција.
Сличен пристап како Закерберг има и Џенсен Хуанг, главниот извршен директор на „Енвидија“. Тој смета дека безбедноста треба да биде составен дел од инженерскиот процес и дека компаниите можат да одлучат да не пуштат производ доколку проценат дека не е доволно безбеден.
Хуанг оценува дека спротивставувањето на брз и безбеден развој претставува лажна дилема. Според него, компаниите можат да продолжат со иновации, но да го приспособуваат темпото во зависност од безбедноста на производите. Тој се спротивстави и на идејата за нови закони и регулативи за безбедноста на ВИ, сметајќи дека пазарните сили веќе создаваат притисок за развој на побезбедни производи.
Алтман, пак, изјави дека е уверен оти компаниите можат да продолжат со развојот на вештачката интелигенција без да предизвикаат значителна штета. Иако „Опен еј-ај“ соработува со „Антропик“ и „Дипмајнд“ на безбедносните прашања, тој смета дека компаниите треба самостојно да ги подобруваат и тестираат своите модели.
Така, во технолошкиот сектор се издвојуваат различни пристапи кон безбедноста на ВИ – од повици за забавување на развојот до инсистирање на продолжување на иновациите со посилни механизми за тестирање, независна проценка и безбедносни контроли.