Разликата во тоа како мажите и жените ја доживуваат температурата можеби се должи на хормонот тестостерон, покажува ново истражување објавено во научното списание „Journal of Physiology“ на 28 октомври.
Научниците откриле дека женките глувци претпочитаат температури повисоки за околу четири степени Целзиусови во споредба со мажјаците. Според истражувачите, важна улога во оваа разлика имаат сензорите во кожата што ги регистрираат топлината и студот.
Во експериментот биле вклучени 30 машки и 27 женски глувци, кои можеле да избираат меѓу две соседни површини со различни температури. Просечната температура што ја претпочитале мажјаците била околу 32 степени, додека кај женките изнесувала 36 степени.
Истражувачите утврдиле дека женките се нешто почувствителни на активирањето на рецепторите за студ, а помалку чувствителни на рецепторите за топлина. Тоа влијаело врз нивниот избор да поминуваат повеќе време на потоплите површини.
За да ја испитаат улогата на хормоните, научниците ја блокирале продукцијата на тестостерон кај дел од машките глувци. По неколку недели, тие почнале да поминуваат повеќе време на потоплата површина. Од друга страна, женките на кои им бил даден тестостерон ја изгубиле изразената склоност кон повисоки температури.
Давањето женски хормони на мажјаците, како естроген и прогестерон, не ги променило нивните температурни преференции. Истражувачите затоа сметаат дека тестостеронот е главен фактор, иако не успеале целосно да ги објаснат разликите меѓу половите.
Точниот механизам преку кој тестостеронот влијае врз сензорите во кожата сè уште не е познат. Една од претпоставките е дека хормонот дејствува индиректно, преку промени во активноста на гените.
Истражувањето не вклучувало испитувања врз луѓе, но научниците посочуваат дека истите протеински сензори постојат и кај човекот. Подоброто разбирање на нивната функција би можело да помогне и во истражувањето на состојби како невропатската болка, при која чувствителноста на топлина и студ е зголемена.