Новата троделна документарна серија на „Нетфликс“ – „Conversations with a Killer: The Charles Manson Tapes“, за само неколку дена привлече големо внимание кај гледачите и се искачи високо на листите на најгледани содржини.
Станува збор за последната сезона од антологијата „Conversations with a Killer“, која досега обработуваше случаи поврзани со Тед Банди, Дејвид Берковиц, Џон Вејн Гејси и Џефри Дамер. Во центарот на последната сезона е Чарлс Менсон, водачот на култот чие име остана поврзано со едни од најпознатите злосторства во американската историја.
Една од главните атракции на серијата се досега необјавените снимки од телефонските разговори на Менсон од затвор. Во последните девет години од животот, тој дури 137 пати разговарал со пензиониран детектив, а овие снимки досега не биле достапни за јавноста.
Документарецот го следи патот на Менсон до позицијата водач на култ, злосторствата што во 1969 година ги извршиле припадници на неговото таканаречено „семејство“, како и судењето кое привлече огромно медиумско внимание.
Во серијата се користат и архивски снимки и аудиозаписи од неговите следбеници Чарлс „Текс“ Вотсон, Сузан Аткинс и Лесли Ван Хаутен, како и сведоштва од поранешни членови на групата, полицајци, новинари, обвинители и други луѓе поврзани со случајот.
Режисерот и извршен продуцент Џо Берлингер вели дека целта не била повторно да се создава митот за Менсон, туку да се покаже начинот на кој тој ги манипулирал и контролирал луѓето околу себе.
Менсон кон крајот на 1960-тите собрал главно млади следбеници, на кои им ветувал љубов и живот ослободен од општествените правила. Поранешни членови на групата сведочат дека тој користел психолошка манипулација и контрола, а своите следбеници ги наведувал на кражби, провали, напади и, на крајот, убиства.
Во ноќта на 8 август 1969 година, припадници на групата влегле во домот на бремената актерка Шерон Тејт во Лос Анџелес. Неа и уште четири лица ги убиле Чарлс „Текс“ Вотсон, Сузан Аткинс и Патриша Кренвинкел.
Следната ноќ биле убиени Лен и Роузмари ЛаБјанка во нивниот дом. Менсон верувал дека убиствата ќе предизвикаат расна војна, која ја нарекувал „Хелтер Скелтер“. Иако самиот не ги извршил убиствата, обвинителството успеало да докаже дека стоел зад нивното планирање.
Менсон, Аткинс, Кренвинкел и Ван Хаутен биле осудени во 1971 година, додека Вотсон бил осуден на одвоено судење. Првично им била изречена смртна казна, која подоцна била преиначена во доживотен затвор.
Сепак, и покрај големата гледаност, реакциите на дел од публиката се негативни. Најчестите забелешки се дека серијата не нуди доволно нови информации и дека има премалку автентични снимки, иако токму досега необјавените снимки се истакнуваат како еден од главните адути на документарецот.
Дел од гледачите ја критикуваат и употребата на играни реконструкции, кои, според нив, се мешаат со архивските материјали и отежнуваат да се разликува што е вистинска, а што реконструирана снимка.
И покрај критиките, високото место на листите на најгледани содржини покажува дека интересот за Чарлс Менсон и неговиот случај и понатаму е голем.