Фотографијата на маж кој се врти по друга жена додека неговата девојка го гледа со неверување денес е препознатлива за милиони корисници на интернет. Но, зад еден од најпознатите мемови стои обична сток-фотографија направена во Каталонија во 2015 година.
Фотографијата ја направил шпанскиот фотограф Антонио Гилем, а само две години подоцна таа започнала да се шири како мем на Facebook и тогашниот Twitter. Најчесто се користела за прикажување ненадејна промена на интересот, искушение или неверство.
Моделите што се појавуваат на фотографијата со години соработувале со Гилем, но одлучиле да ја зачуваат приватноста. Во јавноста се познати само како Марио и Лаура.
Лаура во 2017 година за „The Hollywood Reporter“ раскажала дека самото снимање го памети како забавно искуство. Особено ѝ било тешко да остане сериозна додека со Марио ги изведувале сцените на улица, бидејќи минувачите застанувале, ги гледале и се смееле.
„Морав да имам сериозен израз на лицето и ми беше многу тешко да го задржам“, раскажала таа.
И Марио признал дека на почетокот му било малку непријатно бидејќи луѓето ги набљудувале додека позирале за фотографиите.
„На крајот едноставно заборавив дека се таму и си ја завршив работата“, рекол тој.
Интересно е што моделите воопшто не знаеле колку познат ќе стане токму тој кадар. Лаура дознала дека фотографијата станала вирална откако пријателите почнале да ја означуваат во објави на социјалните мрежи. Подоцна фотографот почнал да добива барања за интервјуа, па станало јасно дека фотографијата се претворила во интернет-феномен.
Слично се случило и со Марио. Луѓето почнале да му ги испраќаат мемовите, а на неговите профили се појавувале пораки дури и од луѓе со кои со години немал контакт.
И покрај огромната популарност на фотографијата, Лаура и Марио останале речиси целосно анонимни. Таа вели дека луѓето не ја препознаваат на улица, освен ако намерно не го направи познатиот израз на лицето од мемот.
„Некои пријатели ми велеа: ‘Гледај, оваа девојка личи на тебе’, а јас ќе им одговорев: ‘Па, тоа сум јас!’“, раскажала таа.
Лаура смета дека токму ситуацијата прикажана на фотографијата е причината поради која толку многу луѓе се препознале во неа.
„Мислам дека секој барем еднаш во животот бил девојката во црвениот фустан“, рекла таа, додавајќи дека во реалниот живот никогаш не се нашла во ситуација нејзиното момче на таков начин да гледа друга девојка.
Марио, пак, нагласил дека никогаш не би гледал некого на таков начин во реалниот живот.
Ниту самиот фотограф Антонио Гилем не очекувал дека фотографијата ќе стане дел од интернет-културата. Тој рекол дека никогаш не помислувал некоја негова сток-фотографија да стане толку популарна.
Гилем дури не знаел што значи зборот „мем“ сè додека самите модели не почнале да му зборуваат за огромната популарност на фотографијата.
Од обична фотографија направена за комерцијални потреби, кадарот за само неколку години прерасна во еден од најпрепознатливите визуелни симболи на интернетот.