Како да ја намалите сметката за струја во зима: Професор открива кои грешки најмногу нè чинат
Препорачаната температура во домот е од 20 до 21 степен, а со правилно користење на електричните апарати и подобра изолација може значително да се намалат сметките за струја, советува професорот од Машинскиот факултет, Милош Бањац.
Во изјава за РТС, тој посочува дека секој дополнителен степен ја зголемува потрошувачката на енергија за греење за околу седум проценти. Според него, многу граѓани и понатаму ја регулираат температурата во становите со отворање прозорци, наместо да ја намалат потрошувачката.
За домаќинствата што не се греат на струја, најголем потрошувач е бојлерот. Бањац советува редовно отстранување на бигорот и негово користење во периодот на евтина тарифа, по полноќ. Меѓу поголемите потрошувачи ги наведува и машините за перење и миење садови, како и шпоретите, кои треба да се вклучуваат во периодот со пониска тарифа, доколку имаат можност за одложен почеток на работа.
Тој препорачува користење индукциски шпорети, кои, според неговите процени, трошат околу 40 проценти помалку енергија, како и микробранови печки.
Внимание треба да се посвети и на распоредот на апаратите и грејните тела. Радијаторите е најдобро да бидат поставени под прозорците, додека фрижидерите не треба да бидат во близина на извори на топлина или затворени во комоди. Секој дополнителен степен на температурата околу фрижидерот ја зголемува неговата потрошувачка за пет до шест проценти.
Бањац додава дека значителни заштеди може да се постигнат со замена на прозорците и изолација на надворешните ѕидови, но и со помали зафати, како поставување изолација кон подрумите и таванските простории.