Американскиот актер Дони Данаган, кој му го позајми гласот на Бамби во истоимениот анимиран филм на Дизни од 1942 година, почина на 92-годишна возраст од рак на белите дробови, објави „Холивуд рипортер“.
Данаган започнал да глуми уште како дете, а покрај улогата на Бамби, настапил и во хорор-филмовите „Синот на Франкенштајн“ и „Кулата во Лондон“, снимени во 1939 година.
Роден е на 16 август 1934 година во Сан Антонио, а во филмскиот свет влегол откако го забележал ловец на таленти на натпревар во танцување. Во „Синот на Франкенштајн“ го глумел синот на баронот Волф фон Франкенштајн, а за време на снимањето поминувал време и со Борис Карлоф, кој го толкувал чудовиштето.
Најголема популарност стекнал како гласот на Бамби. На снимањето работел повеќе од една година, а особено ја паметел емотивната сцена во која младото еленче ја повикува мајка си додека ги прогонува ловец во шумата.
По завршувањето на актерската кариера, во 1952 година, на 18-годишна возраст, се приклучил на американскиот марински корпус. Во војската поминал 25 години, до пензионирањето во 1977 година со чин мајор. Служел во три мисии во Виетнам, работел како офицер за контраразузнавање и командант на единицата „Форс Рекон“, а бил одликуван со три Пурпурни срца, Бронзена ѕвезда и други воени признанија.
Долги години ја криел својата актерска кариера од воените колеги, бидејќи не сакал да се фали со улогата во филмот на Дизни ниту да стане предмет на шеги поради прекарот „мајор Бамби“.
По пензионирањето од војската работел во финансискиот сектор во Њујорк, Лос Анџелес и Сан Антонио, а бил и директор на компанијата „Пејс корп.“ во Лос Анџелес.
Неговата соработка со Дизни повторно била обновена откако компанијата дознала дека сè уште е жив. Потоа учествувал во промоцијата на ДВД-изданието на „Бамби“, како и на филмски конвенции и фестивали.
Зад себе ја оставил сопругата Дана, со која се венчал во септември 1992 година.