По фестивалските успеси во Токио, Каиро и Белград, филмот на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ во недела ја доживува македонската премиера во Скопје
По наградите и фестивалските успеси во Токио, Каиро и Белград, новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ на 29 ноември ќе ја доживее македонската премиера во Скопје. Свеченото прикажување ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија, со црвен килим и присуство на актерите и филмската екипа.
Филмот го освои гран-при во Токио, со што стана втор македонски филм во историјата, по „Пред дождот“, што победил на фестивал од А-категорија.
„Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак“, изјави Манчевски.
На премиерата ќе присуствуваат и шестмина гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија. Присуството го потврдиле и 24 странски амбасадори, претставници на државниот врв и бројни јавни личности. За прикажувањето е обезбедена специјална киноопрема, а целиот настан е организиран и финансиран со приватни средства.
„Сестра, брат и шахта“ е комедија и социјална сатира за богатите и сиромашните, но и психолошка приказна за брат и сестра што живеат надвор од општествените текови. Дејството се случува во денешна Македонија, а филмот отвора пошироки прашања за човечките односи и животот во современиот свет.
Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева и Стефан Николовски, заедно со уште неколку македонски актери. Филмот е снимен со меѓународна екипа на локации во Скопје и околината, а во неговата реализација учествувале продуценти и компании од повеќе европски земји.
Ова е деветтиот долгометражен филм на Манчевски и осмиот игран филм. Во истата година пред меѓународната публика се појави и неговиот документарец „Добри луѓе“.