Зоолошката градина во Битола го збогати својот животински фонд со пет нови животински видови, благодарение на соработката со Зоолошката градина во Белград, информираат од Зоо Битола.
Во нивниот нов дом пристигнаа сервалот, бувот, светиот ибис, берберската овца и американскиот ракун, кои веќе се сместени во своите живеалишта и се под надзор на ветеринарниот тим.
Новите жители претставуваат дополнително збогатување на понудата на зоолошката градина, овозможувајќи им на посетителите одблизу да се запознаат со различни животински видови и нивните особености.
Од Зоо Битола истакнуваат дека меѓуинституционалната соработка и размената меѓу зоолошките градини имаат значајна улога во збогатувањето на животинскиот фонд, подобрувањето на условите за животните и едукацијата на посетителите.
Воедно, упатија благодарност до тимот на Зоолошката градина во Белград за успешната соработка и пријателството меѓу двете институции.
Од Зоо Битола ги поканија граѓаните и сите љубители на животните да ја посетат градината претстојниот викенд и да им посакаат добредојде на новите жители.
Со ова проширување, Зоолошката градина во Битола продолжува да ја збогатува својата содржина и да нуди нови можности за едукација и запознавање со животинскиот свет.