Две кралски кукли пронајдоа нов дом меѓу личности од холивудската А-листа.
Познатиот лондонски музеј „Мадам Тисо“ ги одвои фигурите на принцот Хари и Меган Маркл, војводата и војвотката од Сасекс, од останатите членови на кралското семејство.
Хари и Меган се преместени во одделот за селебрити личности.
Тие беа отстранети од делот на кралското семејство минатиот јануари, по нивното соопштение дека се повлекуваат од кралските должности. Тогаш, музејот објави на Твитер: „Мораме да ги почитуваме нивните желби – Мегзит“.
Сега тие ќе застанат покрај другите од А-листата на Холивуд – Бред Пит, Џорџ Клуни, Никол Кидман и Бекамови.
Тим Вотерс, генерален директор на „Мадам Тисо“ во Лондон, рече: „Отворањето на делот Awards Party ја враќа забавата и возбудата на стилската ноќна забава по која Лондон копнееше уште од почетокот на ковид-блокадата.“
„И понатаму будно внимавајќи на пејзажот на славните, ги преместивме и фигурите на принцот Хари и Меган Маркл да им се придружат на нивните холивудски пријатели, одразувајќи го нивниот нов статус на светската сцена како омилени на А-листата.”
Работата на оригиналната восочна фигура на Меган започна кога парот ја објави својата свршувачка во ноември 2017 година.
На фигурата се наоѓа копија од дијамантскиот прстен на Хари дизајниран за неговата свршеница. Фигурата е облечена во копија на зелениот фустан што го носеше Меган за своето прво ТВ-интервју.
Восочната фигура на принцот Хари првпат беа создадена во 2014 година за да се одбележи неговиот 30-ти роденден.