35-годишниот белграѓанец Дејан Велимировиќ, кој со недели се лекувал од коронавирус, ја раскажува својата приказна за порталот „Блиц“.
„Имам 35 години и немам хронични заболувања, затоа сакам да истакнам дека посериозни симптоми не се развиваат само кај постарите и болните“, вели тој. Се заразив на 29 февруари, а првите симптоми ги развив на 5 март. Пет дена имав висока температура, а потоа и сува кашлица. За тоа време двапати бев во болница, од каде ме вратија со дијагноза дека најверојатно се работи за грип. На 10 март добив телефонски повик во кој ме известија дека лице со кое бев во контакт на 29 февруари е позитивно на Ковид-19“.
Како што објаснува, ден откако дознал дека бил во контакт со заразено лице, бил примен на Клиниката за инфективни болести, каде веднаш му бил земен брис и каде му ги снимале белите дробови.
„Бев преместен во изолација каде ги чекав резултатите од тестот. Чекав подолго од 24 часа, а за тоа време состојбата ми се влошуваше“, раскажува Велимировиќ. Додава дека откако се разболел, воопшто немал апетит и дека често повраќал.
„Лекарот реши и пред официјалните резултати, врз основа на мојата клиничка слика, да започне терапија со лек за ХИВ, зошто тогаш беше познато дека дава резултати. Почнав да повраќам многу често и да искашлувам крв. Многу се загрижив“, раскажува 35-годишникот.
Велимировиќ додава дека тој подоцна бил пренесен на интензивна нега. Tаму бил поврзан на респиратор и дека не се сеќава најдобро на она што се случувало. Еден ден се разбудил со цевка во грлото и тогаш му било кажано дека бил во кома една недела.
Лекарите му рекле дека ќе мора да биде во болница со недели, но од тогаш неговата состојба почнала да се подобрува.
Во болницата минал вкупно пет недели. На крајот од своето сведоштво тој изразил благодарност до сите лекари и медицински сестри.
„Ако го читате ова, знајте дека бевте прекрасни и дека ќе ви бидам засекогаш благодарен “, вели Велимировиќ, испраќајќи порака до сите да останат дома и да се придржуваат до мерките.